Скопје утре ќе биде под времен сообраќаен режим поради протестен марш под мотото „Стоп за Цементара“, кој ќе се одржи во централното градско подрачје.
Маршот ќе започне во 12:00 часот, а учесниците ќе се соберат пред Владата на Република Северна Македонија, на булеварот „Илинден“. Оттаму, колоната ќе продолжи по булеварот ВМРО, па по улиците: „Васил Главинов“, „Димитрие Чуповски“ и булеварот „11 Октомври“, до просторот пред Собранието. Маршот ќе заврши пред Министерството за животна средина, по булеварот„Филип Втори Македонски“.
Поради движењето на протестната колона, Министерството за внатрешни работи ќе воведе привремен режим на сообраќај во делови од центарот на градот. Ќе има пренасочување на возилата и повремени прекини на сообраќајот по улиците низ кои ќе поминува маршот.
Од МВР апелираат граѓаните да бидат трпеливи, да ги почитуваат насоките на полициските службеници и, доколку е можно, да користат алтернативни сообраќајни правци за да избегнат застој и гужви.












