Намалување на бројот на пратениците во македонскиот парламент од 120 на 90, покрај договорот за изборниот модел со една изборна единица, би можел да биде резултат на меѓупартискиот договор во рамките на работната група која минатиот петок се собра во Министерството за правда. Иако, заради барањето работните материјали да бидат и на албански јазик, групата не започна со работа, во изјавите потоа на виделина излезе дека барањето за 30 пратеници помалку ќе биде ставено на маса. Претставничката на Движењето ЗНАМ, Весна Бендевска, тогаш изјави дека го реафирмираат поранешното барање кое ќе донесе значителни ефекти во општеството.
Намалувањето на бројот на пратениците е тема за која во минатото позитивни размислувања имале и најголемите партии од власта и од опозицијата, па оттаму и можноста да биде постигнат договор за оваа голема промена. Дилема може само да биде дали на сите парламентарни партии ќе им одговара намалувањето на бројот на пратеничките места. Ова е од причина што до промената треба да се стигне и со менувањето на актуелната уставна одредба која предвидува бројот на пратеници да изнесува од 90 до 120 лица и што бара посебна процедура во чувствителниот момент на барањата за уставни промени врзано за внесувањето на Бугарите во Уставот.
– Став на ЗНАМ е да се намали бројот на пратеници во законодавниот дом на 90, бројка што ќе соодветствува на реалната големина на популацијата во државата. Тоа ќе придонесе за рационализација на трошоците, материјални, финансиски и човечки. Ќе се добие пофункционално, поефикасно и поконсолидирано законодавно тело – изјави во петокот Весна Бендевска.
И премиерот Христијан Мицкоски во изминативе години неколкупати отворено се залагал за рационализација. Ваква заложба во јануари годинава имаше и координаторот на пратеничката група на опозицискиот СДСМ, Оливер Спасовски, како и опозициската ЛДП.
Погоден момент за промена
Политичките аналитичари наведуваат дека за оваа идеја треба сериозно да се разговара.
–Не е лоша идејата. Дали тоа би биле 90 или 100, во секој случај, ќе даде поголем легитимитет на секој пратеник, но и ќе заштеди доста пари, пред сè, кај дополнителните трошоци, но и кај платите. Во секој случај, ваквото намалување ќе заштеди неколку милиони евра – вели за весникот ВЕЧЕР, аналитичарот Александар Ристевски.
Најпростите пресметки покажуваат дека само месечна заштеда во Собранието по основа на помалку 30 пратенички плати кои, во просек заедно со патните трошоци, изнесуваат околу 2.200 евра, би се заштедиле околу 66.000 евра. Односно, годишно околу 792.000 евра, а за четиригодишниот мандат околу 3,1 милион евра.
Барањето за намалување се објаснува и со намалениот број жители во Македонија – ако на пописот во 2002 година во земјава имало 2 милиона жители, на пописот пред пет години имало само 1,8 милион, а трендот и натаму е во опаѓање. Истовремено, една Словенија, која има околу 2,1 милион жители, во државниот парламент се избираат 90 пратеници.
–Па, доколку се смени и изборниот модел и се отиде на една изборна единица, како што заговараат многумина, тогаш ќе може да се примени условот, тие да се без минимум процент на гласови, затоа што ќе бидат потребни барем десетина илјади гласа за избор на еден пратеник. Иако јас би размислил и за дополнителни 10 пратеници, претставници на немнозинските заедници – наведува аналитичарот Ристевски.
Дилемата што се поставува е дали околу ова намалување може да се постигне меѓупартиски консензус? Тој е неопходен за да може договореното во работната група потоа да се спроведе како промена во парламентот преку уставни промени.
– За ваква измена се потребни уставни измени, но власта, доколку е решена, може да го истера ова. Има доволно поддршка на пратеници, иако е најубаво и најумно да се има консензус и поддршка и од страна на опозицијата. Треба да се отвори широка дебата, а тоа се прави баш во моменти како овој, кога изборите се далеку од одржување и кога владата има уште повеќе од две години мандат. Оваа година е година во која треба и можат да се отворат и да се затворат битни политички теми и отворени прашања, кои ги засегаат самата држава и нејзиното уредување – нагласи аналитичарот Александар Ристевски.
Наредните средби на групата, извесно, ќе покажат дали постои расположение за ваквата промена која сè повеќе ја бара и реалната економска и демографска ситуација во земјава. (Б. Ѓ.)
Ќе останат ли одредени региони без пратеници?
Наспроти аргументите „за“, прашањата што предизвикуваат дилеми се врзани со фактот дека одредени региони во земјава може да останат без да бидат претставени со пратеници и повеќето да бидат од Скопје, дека повеќе може да се заштеди со намалување на администрацијата и на институциите, дека кредибилитетот на парламентот треба да се враќа со посилна и послободна улога на пратениците…












