Се верува дека доаѓањето на новата година почнало да се слави пред четири милениуми. Низ нив, нациите развиле разни обичаи што ги практикуваат до денес, верувајќи дека токму тие ќе им помогнат годината што доаѓа да биде подобра од таа што ја испраќаат
Кога ќе се каже „најлудата ноќ“, се знае точно на што се мисли: ноќта во која ја испраќаме старата и ја пречекуваме новата година. Време за подароци, веселба, прегратки, бакнежи, наздравување, убави желби, богата трпеза, но и за почит кон традицијата.
Се верува дека доаѓањето на новата година почнало да се слави пред четири милениуми. Низ нив, нациите развиле разни обичаи што ги практикуваат до денес, верувајќи дека токму тие ќе им помогнат годината што доаѓа да биде подобра од таа што ја испраќаат.
Колку поголема бучава – толку подобра година
Некои сметаат дека се исполнуваат желбите ако се влезе во Новата година што е можно побучно. На Тајланд е одржана древната традиција на пукање со пушки за да се избркаат лошите демони. На Филипините, пак, Нова година се дочекува уште побучно – со канонада од топови рачно направени од бамбус само за таа пригода. Во Кина, петардите ѝ пркосат на силата на темнината. Во Италија, цел ден ѕвонат црковните ѕвона. Швајцарците удираат во тапани. Американците, пак, се збогуваат со старата година со сирени и труби. Свирежи и труби за испраќање на старата година практикуваат и Австралијците, и тоа по можност на плажа. И Данците прават бучава, но кршејќи чинии пред вратата на соседите точно на полноќ, што симболизира пријателство.
Кинезите имаат уште еден обичај. Тие ги китат вратите со нешто црвено, зашто, за нив, тоа е бојата на среќата. Ден пред празнувањето, ги кријат ножевите, зашто веруваат дека ќе им избега среќата ако се исече некој на нив. Колумбијците прават голема машка кукла во која ги кријат предметите што им будат лоши спомени, па на полноќ ја палат.
Традиции поврзани со храната
Многу новогодишни традиции се поврзани со храната. Во јужниот дел на САД, на пример, на Нова година, на трпезата најчесто ставаат црн грав и свинско, зашто мислат дека тие ја повикуваат среќата. Некои ставаат и листови зелка, кои симболизираат банкноти. Шкотите јадат колачиња наречени банокс, кои, се всушност, еден вид погачици. Се верува дека колачите со кружна форма симболизираат полн круг и дека носат среќа, па Холанѓаните, на пример, од таа причина на Нова година јадат печени крофни. Традиционално, во Шпанија на полноќ се јадат 12 зрна грозје, додека во некои земји во Јужна Америка, како Бразил, Боливија и други, треба да се изедат 12 парчиња цитрон. Во Индија и во Пакистан се верува дека оризот носи просперитет. Еврејска традиција за Нова година се јаболка потопени во мед. Во Швајцарија, Нова година се пречекува со шлаг што се фрла на подот и се остава таму, зашто се верува дека симболизира богатство. Во Грција, празнувањето се совпаѓа со празникот на еден од основачите на Грчката црква, свети Василие, па се прави тортата василопита, во која се ставаат златна и сребрена паричка. Австралијците подготвуваат сочно печено месо и сладолед од ментол во форма на детелина со четири листа за десет. На новогодишното мени на Сицилијанците задолжително има лазањи – за среќа. Интересна традиција поврзана со храната имаат и Норвежаните. Тие прават пудинг од ориз со само еден бадем во него. Се верува дека личноста на која ќе ѝ се падне бадемот ќе ја следат среќа и богатство.
Пијалак со кој се наздравува за Нова година, традиционално, е шампањот. Но, некои земји имаат свои традиции и кога се пијачките во прашање. Во некои делови на Англија се служи васаил – зачинето пиво или варено вино. Васаил е, всушност, келтски израз за добро здравје. Во Шкотска, тој пијалак се вика зачинет жежок пехар и обичај е да се испијат неколку чашки дома пред да се наздрави со соседите. Во Холандија се наздравува со топло, зачинето вино.
Подароци со особено значење
Размената на подароци за Нова година е вообичаена. Изборот е голем и не многу тежок, зашто околу празниците трговците даваат попусти. Но, древните народи преферирале одредени подароци. Римјаните го означувале почетокот на годината со позлатено јаткасто овошје или со монета како подарок. Персијците си разменувале јајца како симбол на плодност. Раните Египќани си давале грнчарски производи за подарок. Шкотите, пак, за среќа, за Нова година си разменувале јаглен, кекси со путер и сребрен прибор за јадење.
Моќта на црвената долна облека
Традицијата на носење црвена долна облека за Нова година се појавила во средниот век, во Шпанија, кога се поврзувала таа боја со крвта, ѓаволите и со вештерството. Црвената облека тогаш била забранета, но, без оглед на празноверието, луѓето сакале да ја носат во текот на темната зима, затоа што во неа гледале симбол и на животот и на сончевата енергија. За да избегнат казна, нашле совршена алтернатива: криеле црвени парчиња под облеката. Обичајот за носење црвена долна облека на преминот од старата во новата година од Шпанија се проширил насекаде во светот, а го применуваат оние што сакаат да најдат љубов во годината што доаѓа.
Има и понова традиција за бојата на долната облека што треба да ја носат луѓето што трчаат по кариера и сакаат да спечалат повеќе пари. Тие веруваат дека ќе им се исполнат желбите ако облечат жолто.












