Кадифени кукли и токсични балони, евтини играчки од пластика што содржи опасни хемикалии и предизвикуваат хормонално нарушување или иритации на кожата, се само некои од играчките што според правилата на ЕУ претставуваат ризик за безбедноста на децата и чија продажба е забранета во Унијата. Унијата во 2025 година ја ревидираше својата регулатива за безбедност на играчките, со цел, како што образложи Европската комисија, да ги направи детските играчки помалку опасни и побезбедни од кога било досега.
Врз основа на овој законски акт, до 2030 година сите играчки ќе мора да имаат процена за ризиците за безбедноста, вклучително и за потенцијалните ефекти врз менталното здравје на децата. Но, сепак, во оваа регулатива само нејасно се споменуваат играчките со новата технологија, која сè повеќе се применува во последниве години во детските ирачки – вештачката интелигенција. Образложението за ова беше дека ЕУ веќе има закон за вештачка интелигенција, со кој се регулираат и прашањата за ризиците. Со тој закон, компаниите се должни „да ги сведат на минимум ризиците што би можеле да ги претставуваат нивните производи, особено за децата“.
Така, на полиците во продавниците за играчки во ЕУ може да се најдат бројни роботи или кадифени играчки во кои се интегрирани функции на вештачката интелигенција, како што е можноста за интеракција со околината или за водење разговори, кои далеку ги надминуваат куклите од минатото што кажуваа само неколку снимени реплики.
Најново во тој спектар е мечето „кума“, произведено од сингапурската компанија „Фоло тој“. Станува збор за играчка во форма на мече со вештачка интелигенција, кое може да комуницира и да води разговори со децата.
Алармот беше активиран по неколкуте откритија дека „кума“ ги „наведува децата на непристоен разговор со експлицитна сексуална конотација“. По ова, во ноември, сингапурската компанија накратко ја запре продажбата, но „кума“ набрзо одново се најде на полиците со играчки, вклучително и во ЕУ. Појавата на пазарот на вакви играчки му се припишува на недостигот на стандарди со некои специфични правила, околу кои има поделени мислења и контроверзии. Комисијата неодамна предложи целосно одлагање на правилата за вештачка интелигенција од висок ризик и доколку биде прифатен предлогот, тогаш би биле замрзнати сеопфатните барања за вештачка интелигенција за производителите на играчки.
И додека користењето вештачка интелигенција во регулативата за безбедност на играчките е само патем опфатено, значителен дел во неа им се посветува на материјалите што се користат во производството на пластика што се користи во детските играчки, со акцент на ризиците за здравјето на децата. Со ревидираната регулатива, досега постојната забрана за користење канцерогени материјали за производство на играчки е проширена и со забрана на други токсични супстанции, суровини што може да го нарушат ендокриниот систем, како и на високоперзистентни синтетички хемикалии, кои се акумулираат и предизвикаат штета во човечкото тело. Едно од клучните прашања околу кои се кршеа копјата при усвојувањето на измените на регулативата беше користењето на некои соединенија при производството на детски балони како што се нитрозамините, кои може да предизвикаат рак. Друго прашање на кое особено реагираше европската индустрија за играчки беше влијанието на онлајн пазарот. Тие тврдеа дека одговорноста за небезбедни играчки не е кај нив, туку кај бумот на евтини играчки што влегуваат во ЕУ од Кина, преку онлајн пазарите како „Али експрес“ и „Тему“.
Во Европскиот парламент е поведена иницијатива за формирање ново тело на ЕУ за справување со проблемот со онлајн увозот на играчки, но европратениците не успеаја да ја завршат целата постапка до годинашната „жетва“ божиќни играчки.
Од Новинари за човекови права (НЧП) го поздравуваат обидот на ЕУ да ги унапреди законските стандарди за безбедност на играчките со цел да ги заштити здравјето и благосостојбата на децата. Наташа Доковска, која е дел од работната група на ЕУ за безбедни играчки, вели за весникот ВЕЧЕР дека со новите правила предвидуваат остри ограничувања и забрана за опасни хемикалии, дигитален пасош за секоја играчка со клучни информации, засилена контрола при увоз и онлајн продажба… Но, и покрај овие позитивни чекори, Доковска вели дека регулативата сè уште има сериозни слабости, особено кога станува збор за вештачката интелигенција и за дигиталната безбедност на децата.

– Како организација што ги следи значењето на безбедноста на производите за деца, ги повикуваме и нашите надлежни институции да ги употребат најдобри практики од ЕУ, но и да обезбедат да не останат регулаторните норми само на хартија туку и реално да ги штитат децата низ целиот процес на производство, продажба и употреба на играчки – изјави Доковска за весникот ВЕЧЕР.
Во меѓувреме, децата остануваат недоволно заштитени и останува возрасните да бидат многу внимателни кога купуваат играчки.












