Македонската кошаркарска репрезентација се врати чекор наназад и не успеа да обезбеди ниту место во квалификациите за пласман на Светското првенство во Катар во 2027 година, па денешниот меч против Унгарија (19 часот, СРЦ „Кале“) ќе биде само формалност за избраниците на Марјан Илиевски.
Нашата селекција ја брка првата победа во претквалификациите (последно четврто коло во групната фаза), а за таа цел ќе мора добро да се потрудат против упорните Унгарци, кои веќе го трасираа патот во главната квалификациска фаза. Покрај Унгарија, пласман обезбеди и Романија, која на двапати беше поуспешна од нашата селекција.
За бледото издание на Македонија зборуваше и селекторот Илиевски, а како главен проблем ја наведе слабата минутажа на репрезентативците во своите клубови.
- На првиот наш прес беше најавено да градиме тим за иднината. Меѓутоа мора да земеме предвид еден факт кој е поразителен и ме загрижува, за ноемврискиот прозорец, а тоа е што се запознаваме овој месец и сите овие играчи не играат во едно високо натпреварување, или клубовите не играат меѓународни натпреварувања, па играчите немаат одредена улога во тимовите. Може да се случи она што нè краси како енергија сега, да го продолжиме понатаму. Играчите кои се овде покажаа одредени квалитети, мислам дека треба да имаат простор да добијат шанса во своите клубови, па така и клубовите да добијат од нив, но и ние како репрезентација, затоа што овие играчи не се штедат воопшто и се големи борци и работници, истакна Илиевски.
Потоа, селекторот се осврна и на мечот со Унгарија, последен во групната претквалификациска фаза.
- Последниот меч со Унгарија не ни значи резултатски ниту на нас, ниту на нив, но ние од самиот почеток кажавме дека секој дуел што ќе го имаме, па дури и оној на тренинг меѓу двете петорки, ќе биде од големо значење за сите, па така на секој меч гледаме го извадиме нашиот максимум. Па дај Боже и да победиме. На хартија сме далеку понеквалитетна екипа од Унгарија, во однос на искуство и на заеднички години, но ќе се бориме. Екипата на Унгарија е најискусна екипа и игра најдобра кошарка. Тие погодија сè, ние имавме лош шут за три поени и вкупно реализација. Задоволен сум, без никакво правдање на нештата. Ќе стојам зад овие играчи, сè додека го даваат максимумот и го почитуваат стручниот штаб, ќе ја имаат мојата поддршка, порача Илиевски.
Тој додаде дека е потребно време за некои работи во тимот бидат поставени на повисоко ниво од постојното.
- Треба да земеме предвид дека сето ова го поминавме за краток период за сите ние кои сме дел од оваа репрезентација. Уште од првиот ден велиме дека играчите одговорија на нашиот повик, тренираат максимално коректно и го даваат својот максимум. Разговаравме со нив во текот на целиот тој тренажен процес за малата минутажа што ја имаат во клубовите за да може да дадат повисок квалитет. Забележително е од самиот почеток досега дека има одреден напредок, она што јас го напоменав претходно е дека ќе нè краси таа тимска енергија. Таа енергија е производ на она што е создадено како хемија во изминатиот краток период. Квалитетот што не го поседуваме во напад е нешто што во клучните моменти ни одредува мечот да „оди“ кај поискусната екипа. Тоа се случи на претходните два меча со Романија. Ние работиме на самодовербата кај играчите, за да не допира до нив цел оној наш менталитет како јавност. Сето она што тие го добиваат со разговор и тренажен процес, е работа за да добијат самодоверба која и тоа како им е потребна, посочи Илиевски.
Ќе биде уште потешко, ако се земе предвид дека стручниот штаб на нашата селекција нема да може да смета на еден од најискусните, Адем Мекиќ, кој има повреда на десното колоно, а надвор од тимот е и Марко Миловановиќ поради здравствени проблеми.