Вредноста на нашите мировници никогаш не била повидлива, истакна Силјановска-Давкова

17

Со видеоконференциска врска која ги премости километрите меѓу татковината и меѓународните мисии, денеска во касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец, традиционално беше одбележан претстојниот почеток на новата година. Додека децата на македонските мировници во странство ги примаа своите новогодишни пакетчиња, државниот и воениот врв упати пораки на благодарност до припадниците на Армијата во Косово, Босна, Либан, Латвија, Романија, Бугарија и Германија.

Претседателката и врховен командант на Армијата, Гордана Силјановска-Давкова, им посака успешна работа на мировниците во странство.

– Се чини дека никогаш на светот, мирот не му бил потребен повеќе, а вредноста на нашите мировници и македонската Aрмија никогаш не била повидлива. Ви посакувам успешно да продолжите гордо да ја претставувате Армијата, затоа што имате што да претставите – рече таа.

Министерот за одбрана Владо Мисајловски додаде дека ова средба има особена тежина и значење бидејќи, како што рече, „нѐ обединува како семејство“.

– Како денеска сме физички оддалечени, оваа средба има особена тежина и значење бидејќи нѐ обединува како семејство. Ви благодарам за вашата служба во името на мирот, безбедноста и сигурноста на секој еден од нас – нагласи министерот.

Началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски е уверен дека секој од мировниците ја извршува задачата крајно професионално и се заблагодари на поддршката од претседателката Сиљаноска-Давкова и Министерството за одбрана.

– Уверен сум дека ја извршувате вашата задача крајно професионално и стојам зад секој од вас. Со вашата енергија давате посебна суштина. Знам дека некои од континентите веќе се подготвуваат да се вратат и верувам дека на самиот праг на старата година ќе имаат можност да се спојат со нивните најблиски – порача тој.

Контингентите од мисиите, исто така, во добро здравје упатија честитки и пораки за новата година.

Традиционално, и оваа година, дечињата го пречекаа Дедо Мраз со хеликоптер, на тренинг центарот за пилоти во касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец.

ИЗДВОЕНИ