ВРЕДИ НАЈАВУВА, ДУИ ДЕМАНТИРА: Зголемувањето на парламентарно мнозинство чека на епилог

Шефот на изборниот штаб на „Вреди“, Аднан Азизи, најави дека по локалните избори во Гостивар и во Врапчиште, во јануари в година, ќе има проширување на нивната пратеничка група со пратениците од НАИ. Наспроти ова, пратеникот на ДУИ, Блерим Беџети, изјави дека пријавата против него е дел од хајката за зголемување на парламентарното мнозинство која нема да успее.

28

Најави од коалицијата „Вреди“, но и демнати од опозициската ДУИ го следат прашањето на можното зголемување на постојното парламентарно и владино мнозинство. Од „Вреди“, која е дел од владејачкото мнозинство, деновиве повторно дојде најава дека ќе им се придружат неколкумина пратеници кои се дел од коалицијата Национална алијанса за интеграција предвидена од ДУИ. Шефот на изборниот штаб на !Вреди“, Аднан Азизи, најави дека по локалните избори во Гостивар и во Врапчиште, во јануари в година, ќе има проширување на нивната пратеничка група. Азизи не спомна конкретни имиња, но рече дека се водат разговори со 3-4 пратеници кои се разочарани од нивните политички субјекти. Тој рече дека станува збор за пратеници на опозициската НАИ.

– Верувам дека ќе го финализираме конкретниот чекор со нив да бидат дел од Владата, да ни се придружат. Точно е дека се водат интензивни разговори, дури и лично контактирав со некои од моите колеги. Тие не го оправдуваат ставот на соодветните партии и целиот овој наратив и став за креирање политики, изјави Азизи.

Претходно, и еден од лидерите на „Вреди“, Изет Меџити, изрази очекување дека НАИ „ќе се распушти“. И премиерот Христијан Мицкоски неодамна рече дека очекува „прегрупирање на дел од силите во македонскиот парламент“, врзано за проблемот со обезбедување на Бадентеровото мнозинство за гласање за одредени закони.

На ова, денеска одговори пратеникот на ДУИ, Блерим Беџети, против кого финансиската полиција завчера поднесе кривична пријава. На прес-конференцијата, тој рече дека правно неоснованата и политички мотивираната пријава е дел од организирана хајка за зголемување на парламентарно мнозинство.

– Пријавата е дел од организирана хајка режирана од власта и директно од премиерот Христијан Мицкоски, со јасна цел да се врши притисок врз мене како пратеник за да се зголеми мнозинство во парламентот. Јавно порачувам дека ниту јас ниту кој било друг од пратениците на ДУИ не се плаши и нема да попушти под притисоците на власта – нагласи Блерим Беџети.

Финансиската полиција поднесе пријава против Беџети и против повеќе други лица дека издале незаконско одобрение за градба со кое ѝ овозможиле на формата „Азра Идриз“ од село Глумово да се стекне со имотна корист од 1,8 милиони евра.

– За тоа подрачје постои ДУП кој е донесен кога сум бил градоначалник на Сарај, а министер и градоначалник биле од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Не постои ниту материјална штета за општината, сè е чисто и документирано. Поради ова, против директорот на ФП, Слободан Ивановски, заменикот, Илбер Имери и уште две лица ќе поднесам соодветна пријава. А на премиерот Мицкоски и на неговите измеќари јавно им се обраќам со порака дека нивните функции не се вечни, а нашата борба за правата на Албанците е чесна и истрајна и ние нема да потклекнеме – нагласи Беџети.

Премиерот Христијан Мицкоски денеска не сакаше да ја коментира изјавата на пратеникот на ДУИ. Тој не ги коментира ни најавите на функционери од Вреди дека ќе се зголеми владејачкото мнозинство со три-четири пратеници од опозициската НАИ.

– Владата е стабилна. Убедливата победа на локалните избори покажа дека Владата има јасна и недвосмислена поддршка и оти носечки столб во таа влада е ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата што ја предводи. Времето за политика и политиканство заврши. Да ги засукаме ракавите и да работиме, нè чека многу работа – изјави Мицкоски.

(Б. Ѓ.)

ИЗДВОЕНИ