Вреди е една партија – си оди ли само Таравари?!

Владината коалиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ останува стабилна и комотна, и покрај политичките превирања во албанскиот блок „Вреди“, кој се обединува во една партија. Министерот за здравство Арбен Таравари најавува посебен настап на локалните избори со сопствени листи. Премиерот Христијан Мицкоски вчера рече дека владината коалиција функционира одлично и потврди дека ќе се случи најавуваната средба со Таравари. По оваа средба јавноста треба да знае дали Таравари и неговиот сопартиец од АА, Арбен Фетаи ќе продолжат да бидат министри во Владата на Мицкоски. Извори за весникот ВЕЧЕР велат дека на „Илинденска“ се комотни, затоа што од една страна, не сите членови и пратеници од крилото на Арбен Таравари ја поддржуваат неговата одлука за отцепување и нема да заминат заедно со него, а од друга страна, владината коалиција се потпира и на наводно прелевање на пратеници од Европскиот фронт, за што неколку пати владини претставници изјавија дека неофицијално владината коалиција во Собранието брои повеќе членови од официјално изјаснетите

1277

Владината коалиција, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, функционира одлично, изјави вчера премиерот Христијан Мицкоски, по превирањата во коалицијата Вреди и прашањето дали министерот за здравство Арбен Таравари останува во Владата, откако неговото крилото на Алијанса за Албанците повеќе не е дел од Вреди, затоа што реши на претстојните локални избори да има посебни листи. Мицкоски кусо рече и дека ќе се реализира најавуваната средба со Таравари, за која беше најавено дека ќе се случи по враќањето на премиерот од Шпанија. По оваа средба јавноста треба да знае дали Таравари и неговиот сопартиец од АА, Арбен Фетаи, ќе продолжат да бидат министри во Владата на Мицкоски, за која од „Илинденска“ велат дека е стабилна и нема да има реконструкција пред локалните избори. Односите меѓу коалициските партнери, вклучително и блокот „Вреди“, се оценуваат како одлични, а шпекулациите за промени во министерските позиции се отфрлаат како неосновани.

Ќе има ли прелевање на пратеници?

Извори за весникот ВЕЧЕР велат дека на „Илинденска“ се комотни, затоа што од една страна, не сите членови и пратеници од крилото на Арбен Таравари ја поддржуваат неговата одлука за отцепување и нема да заминат заедно со него, а од друга страна, владината коалиција се потпира и на наводно прелевање на пратеници од Европскиот фронт, за што неколку пати владини претставници изјавија дека неофицијално владината коалиција во Собранието брои повеќе членови од официјално изјаснетите.

Во пресрет на локалните избори, во фокусот се случувањата во албанскиот политички блок „Вреди“, со обединувањето на сите партии од коалицијата во една политичка партија и излезот на лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, од „друштвото“. Останатите лидери од Вреди го обвинија Таравари дека разгледува можност за соработка со ДУИ, што, според извори на весникот ВЕЧЕР предизвикало раздор и меѓу членовите на крилото на Таравари, кои велат дека „Вреди“ е формирана токму како противтежа на ДУИ и дека нема да поддржат никаква соработка со интегративците.

Таравари, пак, вели дека иницијативата за обединување е добра, но дека нема официјална понуда и не води разговори за заеднички настап со ДУИ. Тој рече дека се радува што „Вреди“ се обедини и им посака успех. Потврди дека АА на локални оди со нивни сопствени листи и најверојатно со кандидати за градоначалници. Таравари рече и дека не е за предвремени парламентарни избори, затоа што има стабилно мнозинство, без разлика дали тие се во Влада, или не.

– Многу се радувам што се споија трите партии. Подобро една партија, отколку три партии. Им посакувам успех на изборите. Ние, како Алијанса, ќе излеземе со наши сопствени листи и најверојатно и со наши кандидати за градоначалници, изјави Таравари.

Прашан дали тоа значи дека Алијанса не е дел повеќе од „Вреди“ и дали петте нејзини пратеници ќе го известат собранискиот претседател Африм Гаши дека ќе дејствуваат како посебна пратеничка група, тој рече дека немало донесено таква одлука.

– Засега, немаме таква одлука. Меѓутоа, ако се иницира, без разлика, ние имаме пет наши пратеници, тие ќе продолжат како пратеничка група, „Влен“ ќе си има своја пратеничка група, одговори Таравари.

Претседателот на Беса и градоначалник на Тетово, Биљал Касами, во телевизиско гостување рече дека Алијанса за Албанците на Арбен Таравари не е „избркана“ од коалицијата „Вреди“, туку „Таравари самиот излегол од коалицијата и заминал кај ДУИ“.

-Не, излегол. Тој (Арбен Таравари) сам излезе. За да оди кај Али Ахмети и кај ДУИ. Мора да излезеш одовде за да отидеш таму. Секој што оди кај ДУИ, за да соработува со ДУИ, излегува. Тој го прифати тоа, рече Касами во гостување на ТВ „21“.

Ахмети: Храбар чекор на Таравари

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, вчера рече дека чекорот на Таравари да ја напушти коалицијата „Вреди“, е храбар. Ахмети не прецизираше дали има простор за соработка  меѓу Таравари и Европскиот фронт.

-Го цениме храбриот чекор на г. Таравари, кој многу порано разбра дека оваа влада не е ништо повеќе од антиалбанска влада, бидејќи дојде на власт со антиалбанска платформа. Сè уште нема финални разговори. ДУИ сè уште не ги свика раководните тела на партијата. Мислам дека во рок од една недела ќе бидат повикани највисоките партиски тела. Ќе бидат разгледани сите ситуации, изјави вчера Али Ахмети.

Во однос на спојувањето на „Вреди“ во една партија и дали тоа ќе биде предизвик за ДУИ, Ахмети самоуверено изјави дека ДУИ немала противници и дека сè уште е национално и движење кое ги вклучува сите кои се заинтересирани за движење на земјата и нацијата напред.

Во меѓувреме, „Вреди“ формираше нова пратеничка група од 9 пратеници, без оние 5 на Таравари. Пратеникот Беким Ќоку за дел од медиумите потврди дека тој ќе биде новиот координатор на оваа пратеничка група, иако до затворањето на весникот сè уште немаше доставено официјално известување до Собранието. Досегашниот координатор на пратеничката група на Вреди, Халил Снопче, кој доаѓа од крилото на Алијансата на Албанците, предводено од Арбен Таравари, истакна дека тој сè уште е координатор на пратеничката група на „Влен“ од 14 пратеници, бидејќи сè уште не е формирана нова пратеничка група.

– Доколку со девет потписи се обратат до Собранието дека имаат формирано нова пратеничка група, тогаш по автоматизам ние ќе дејствуваме со наша пратеничка група од петмина пратеници, рече Снопче.

Од друга страна, опозицискиот СДСМ преку лидерот Венко Филипче тврди дека владината коалиција е нестабилна и нефункционална, а ситуацијата со „Вреди“ само ја потврдува таа слика. Филипче смета дека граѓаните секојдневно ја чувствуваат нестабилноста на своја кожа и најавува дека СДСМ е подготвен за секаков тип избори.

Иако премиерот и дел од коалициските партнери уверуваат дека владината коалиција е стабилна и нема најави за поголеми промени, превирањата во „Вреди“ и дилемите на Таравари внесуваат доза на неизвесност. Сепак, засега нема индиции дека ќе дојде до масовно прелевање на пратеници од Европскиот фронт, туку најмногу се работи за индивидуални политички калкулации. Судбината на „Вреди“ и позицијата на Таравари ќе бидат клучни за албанскиот политички блок во пресрет на локалните избори, но моментално владината коалиција останува комотна и без сериозни потреси. (В.С.Н.)

 

 

ИЗДВОЕНИ