Вранецот скапува на нивите, а винарниците увезуваат евтино налевно вино

Лозарите се револтирани поради тоа што винарниците не им го откупуваат вранецот. Велат дека вранецот останува да скапува и да се суши на лозјата, а за сметка на тоа некои винарници увезуваат евтино налевно црно вино, кое потоа го ставаат во шишиња и го продаваат. Со тоа, како што велат, губиме сите, а парите одат надвор од државата. Една од причините зашто не се откупува вранецот е што на пазарот повеќе се бара смедеревката, а најголем дел од лозовите насади во Тиквешијата се со вранец. Лозарите се револтирани и поради тоа што винарниците им задржуваат 8 отсто од вкупната сума од продаденото грозје и бараат итна промена на Законот за вино во кој се предвидени 25 отсто заработувачка, што изнесува само 4 денари од килограм

310

Вранецот останува да скапува и да се суши на лозјата, бидејќи винарниците не сакаат да го откупат. Според лозарите, една од причините поради кои не се откупува вранецот е што некои од винарниците имаат увезено налевно црно вино по пониска цена, од соседните земји. Лозарите се револтирани и поради тоа што винарниците им задржуваат 8 отсто од вкупната сума од продаденото грозје и бараат итна промена на Законот за вино во кој се предвидени 25 отсто заработувачка, што изнесува само 4 денари од килограм, што е многу малку со оглед на ниската откупна цена и на зголемените трошоци.

– Некои од винарниците имаат увезено налевно црно вино и поради тоа не сакаат да го откупат вранецот. Тој останува да скапува и да се суши на лозјата, а за сметка на тоа се увезува понеквалитетно вино од соседните земји, кое потоа се става во шишиња. На тој начин, наместо да одат кај лозарите, парите одат надвор од државата. Лозарите се револтирани и поради тоа што винарниците им ја намалуваат откупната цена за 8 отсто доколку им го платат грозјето веднаш, а ако се додадат на тоа и 2 отсто данок, тоа е вкупно 10 отсто помалку, што е многу. Поради тоа, итно бараме промена на Законот за вино, кој е донесен во 2024 година и кој ги штитат големите винарници, а е на штета на лозарите – изјави за весникот ВЕЧЕР Ѓорѓи Каракашев, претседател на Националната земјоделска мрежа.

Лозарите се револтирани поради тоа што не им се откупува вранецот, поради ниските откупни цени, кои во однос на лани се повисоки само за 0,5 денари за килограм и поради малата заработувачка, која, според Законот за вино, изнесува само 4 денари од килограм.

– Поради тоа што не се откупува вранецот и останува да скапува и да се суши на гранките, ние губиме многу. Од винарниците ни велат дека се сменети потребите, дека на пазарот повеќе се бара смедеревката и дека затоа не се откупува вранецот. Ние сме револтирани и поради законската можност што им се даде на винарниците да ни задржат 8 отсто од вкупната сума од продаденото грозје доколку го платат за седум дена. Тоа не се малку пари, на 10 тони грозје, кое чини вкупно 210 илјади денари, винарницата ти зема 17 илјади денари. За да не ни ги земат овие пари, ние бараме одложено плаќање до 30 април – изјави за весникот ВЕЧЕР лозаропроизводител од Кавадарци.

Оваа година приносите се добри и грозјето е многу квалитетно, но лозарите не се задоволни од откупните цени, кои, според нив, треба да бидат 25 денари за килограм смедеревка и 30 денари за килограм вранец.

– Производствената цена, која ја одредува Земјоделскиот институт, е многу пониска од реалната. За вранецот, таа изнесува 17 денари, а според нашите пресметки, производството на еден килограм грозје чини од 22 до 23 денари. Во Законот за вино е пресметана и 25-процентна заработувачка за лозарите, но во неа не се вкалкулирани транспортните трошоци и трошоците за берба. Исто така, ако се исплати грозјето во готово, таа заработувачка од 25 отсто се намалува за 8 отсто. За да има исплатливост во лозарството и за да не се намалуваат површините под лозови насади, треба да се зголеми тој процент и да изнесува од 35 до 40 отсто – сметаат лозаропроизводителите.

Инаку, откупните цени на најзастапените вински сорти грозје годинава изнесуваат 21,3 денари за вранец и 18,9 денари за смедеревка и се за само 0,5 денари повисоки од ланските, кои изнесуваа 18,3 денари за смедеревка и 20,8 за вранец.

(А. С.)

ИЗДВОЕНИ