– Колку животи изживеав на сцената, во животот само една. Кога ќе стапнам на сцената и имам некоја задача, чувствувам дека постојам – рече актерката Снежана Коневски-Руси на доделувањето на наградата за животно дело, на отворањето на 59. МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп. За лауреатот Гоце Тодоровски, пак, Прилеп е град на мермерот, а тој – мермерот меѓу глумците. – Од мојот материјал може да се направи многу добар споменик. Имам снимено преку 600 народни приказни, имам минутажа поголема од Џон Вејн и Марлон Брандо заедно пред камера. Актерот цел живот кажува туѓи зборови, ама добриот актер туѓите зборови ги прави свои. Тука е успехот на добриот актер, да ги земеш зборовите и самиот да бидеш тој лик. Најголемата глума е онаа што додека глумиш, воопшто не глумиш – рече Тодоровски

Длабоки наклони, благодарност и нескриени емоции на сцената на Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп споделија актерите наградени за животно дело, на отворањето на 59. МТФ „Војдан Чернодрински“, Снежана Коневски-Руси, Соња Михајлова и Гоце Тодоровски. Долги аплаузи, многу восхит и почит, пак, им подари прилепската публика на годинашните лауреати на кои вечерта, на 6 јуни, им беа врачени наградите изработени од прилепски мермер.

Според Снежана Коневски-Руси, наградата е валоризација на нејзиниот труд и доказ за сè што остварила на сцената.

– Колку животи изживеав на сцената, во животот само една. Кога ќе стапнам на сцената и имам некоја задача, чувствувам дека постојам – рече актерката Руси.

Таа истакна дека постои заради аплаузот на публиката.
– Заедно со мојот театар остарев (МНТ, н.з.), влегов во осмата декада, како што одбележува и тој 80 години. Радиото, првата љубов на Снешка, одбележува 80 години. И, еве, посакувам и Македонскиот театарски фестивал да доживее над 105 години – додаде Руси.


За актерката Соња Михајлова, фестивалот е празник и вреднување на театарската уметност.

– Оваа награда, за мене, вреди и е тешка колку што вреди и овој театарски фестивал – празник на театарската уметност, празник на театарските уметници, како дел од културниот идентитет на Македонија. За мене, тоа е највредното – рече актерката од Битолскиот театар, Михајлова.

Огромни аплаузи доби актерот Гоце Тодоровски, кој, во свој манир, ја насмеа публиката.
– Прилеп е град на мермерот, а јас сум мермерот меѓу глумците. Од мојот материјал може да се направи многу добар споменик. Мене ме викаат мајстор на импровизации, вие многу добро го знаете тоа. Јас и Ванчо Петрушевски, кој, за жал, прерано почина, бевме мајстори на импровизацијата. Во „Солунски патрдии“ јас остарев буквално, имав 29 години на премиерата и ја играв до мојата 50. година. Имам снимено преку 600 народни приказни, имам минутажа поголема од Џон Вејн и Марлон Брандо заедно пред камера. Актерот цел живот кажува туѓи зборови, ама добриот актер туѓите зборови ги прави свои. Тука е успехот на добриот актер, да ги земеш зборовите и самиот да бидеш тој лик. Најголемата глума е онаа што додека глумиш, воопшто не глумиш. Благодарам на вас, драга публико! – рече Тодоровски.


На отворањето на фестивалот, свои обраќања имаа: Зоран Љутков, министер за култура и туризам; Ана Стојаноска, уметничка директорка на фестивалот и Борче Јовчески, градоначалник на Прилеп.

– Преубаво е чувството да се биде вечерва во Прилеп – градот под Марковите кули, кој, со своите душа и историја, секоја година нè потсетува што значи да се верува во моќта на сцената, на зборот, на емоцијата, на тишината – рече министерот Љутков, кој го прогласи фестивалот за отворен.

Рече дека нема поубав начин да се почне од зборовите на човекот чии лик и дело стојат зад името на фестивалот – татко на македонскиот театар, Војдан Чернодрински, кој рекол: „Театарот е огледало на народот“.

– Фестивалот годинава се одвива под слоганот „Смеј се и осмели се!“. Знам дека тој не е случаен и е многу повеќе од убава фраза. Тој е поука, можеби и лекција. Во него е заклучена суштинската порака: дека театарот, дури и кога нè засмева, зборува сериозно. А кога нè осмелува, станува средство за промена – додаде Љутков.

Стојаноска, уметничката директорка на фестивалот, пак, истакна дека како што се одлучила за мотото така почнале и смеењето и осмелувањето – од затворањето на театарските сцени овде до секојдневните предизвици во процесот на организирање на фестивалот.

– Се надевам дека барем до крајот на мојот мандат, до следната година, ќе покажеме дека најважно за фестивалот е да работиме сите заедно за него – додаде таа.

Градоначалникот на Прилеп, Борче Јовчески, кој им ги врачи наградите на лауреатите, пак, посочи дека фестивалот е многу повеќе од културен настан.

– Тој е срцето на летото во Прилеп. Тој носи живот на улиците, разговори по претставите, полни тераси, нови познанства, гости од целата земја и пошироко. Тој носи економски придонес, но уште поважно – носи дух и гордост.

Пред прилепската публика, ансамблот на МНТ од Скопје, на отворањето на фестивалот, ја изведе претставата „12“ во режија на Синиша Ефтимов. Тоа е првата од деветте претстави во конкуренцијата за награди на фестивалот, кој ќе се одвива до 13 јуни.

ИЗДВОЕНИ