Илон Маск треба целосно да се врати на водењето на Тесла за неколку недели, откако ќе го води Одделот за владина ефикасност (DOGE). Сепак, не е сигурно дека тој долго ќе остане на чело на производителот на електрични возила.
Според „Електрек“, некои вработени во „Тесла“ официјално побараа оставка од Маск минатата недела, тврдејќи дека остриот пад на побарувачката со кој се соочува компанијата е директно поврзан со него како извршен директор.
Група сегашни и поранешни вработени објавија отворено писмо во кое се наведува:
„Штетата што репутацијата на Маск му ја нанесе на брендот сега е неповратна, а како јавно лице на Тесла, таа штета стана наш товар.“
„Се наоѓаме на раскрсница: или ќе го задржиме Илон како извршен директор и ќе се соочиме со понатамошен пад поради напуштање на клиентите, или ќе продолжиме без него и ќе дозволиме нашите производи и мисија сами да успеат или да пропаднат“, пишуваат тие.
Во 2024 година, Тесла забележа пад на продажбата за прв пат по една деценија, а во првиот квартал од 2025 година, тој пад се забрза дополнително, делумно поради испадите на Маск – вклучувајќи два инцидента во кои тој упати нацистички поздрав во контекст на враќањето на Доналд Трамп во Белата куќа.
Цензура на X… во „царството на слободата на говорот“
Вработените во писмото, исто така, истакнуваат дека „продажбата на електрични возила во САД се зголемила за 10% во првиот квартал, додека продажбата на Тесла паднала за 9%.“ Одговорноста за падот на империјата на Тесла, како што велат, лежи токму кај Елон Маск.
Според нивните зборови: „Побарувачката за возила на Тесла е стагнирана, иако производствениот капацитет е на врвот, квалитетот е одличен, а процесите се ефикасни. Ова не е проблем со производот, туку проблем со лидерството.“
„Тесла е подготвена да продолжи напред. И ние сме подготвени да продолжиме напред без Елон како директор“, заклучуваат бунтовните вработени.
Вреди да се напомене дека еден од вработените што стои зад писмото, Метју Лаброт, бил отпуштен – и тој тврди дека причината била неговата вмешаност во создавањето на писмото. Тој го објави тоа на веб-страница и на LinkedIn изјави дека бил отпуштен поради тоа.
Иако Илон Маск се дефинира себеси како „апсолутист на слободата на говорот“, писмото беше цензурирано, а сметката посветена на неговото ширење беше избришана од платформата X, која е во сопственост на Маск.