Вработените во „Флораком“, фирма ќерка на ЈП „Паркови и зеленило“, денеска одржаа едночасовен протест пред влезот на јавното претпријатие, поради две неисплатени плати, здравствено и пензиско осигурување. Тие најавија порадикални мерки со блокирање на раскрсницата на булеварот „Илинденска“ ако не ги добијат двете заостанати плати и придонеси до 15 јули, кога е законскиот рок за исплата на платата за претходниот месец.
Тие добија поддршка за протестот од Синдикатот на работниците од угостителството, туризмот, комунално-станбеното стопанство, занаетчиството и заштитните друштва (СУТКОЗ), од каде што најавија кривична пријава против директорот на ЈП „Паркови и зеленило“, бидејќи сметаат дека одговорноста за неисплатените плати во „Флораком“ е кај него.
– Одговорноста за неисплатените плати е директно кај менаџментот на „Паркови и зеленило“. Досега вработените немаат земено две плати и доколку не бидат исплатени тие до 15. во месецов, до кога е законскиот рок за исплата на плата, на 16 јули ќе ја блокираме раскрсницата пред влезот на „Паркови и зеленило“ – изјави претседателот на СУТКОЗ, Стојанче Кашиковски.
Тој посочи дека повеќепати досега се обиделе да стапат во контакт со раководството на „Паркови и зеленило“ и дека ниту еднаш досега директорот не ги повикал на средба за решавање на проблемите на вработените.
Од СУТКОЗ најавуваат кривична пријава против директорот за неисплата на плати согласно со Општиот колективен договор, како и пријава за неисплата на регрес за годишен одмор.
– Имаме поднесено повеќе пријави и до Државниот инспекторат за труд, за што директорот е должен да постапи, но, според нашите информации, тој ги плаќа казните од парите на вработените и не постапува по закон и по Колективниот договор за исплата на плата и додатоците на плата – изјави Кашиковски.