По повеќе од 45 дена без плата, вработените во државната компанија излегоа на протести низ целата земја и го прекинаа дел од поштенскиот сообраќај. Синдикатите предупредуваат на можен генерален штрајк доколку не следи итна исплата, додека раководството уверува дека средствата се веќе обезбедени и ги обвинува синдикалните претставници за политичка манипулација.

Незадоволството меѓу вработените во АД „Македонска пошта“ не стивнува. Во повеќе градови низ државата, вработени вчера излегоа на протест поради доцнењето на платата, која, според нив, не е исплатена повеќе од 45 дена. Протестите резултираа и со прекин на дел од услугите, па граѓаните не можеа да подигнат пратки или да користат поштенски услуги.
Вкупно 1700 вработени и околу 300 поштари со договор на дело се уште ја немаат добиено декемвриската плата. Тие заедно со Синдикатот на „Македонска пошта“, порачаа дека протестните активности ќе продолжат сè додека не им биде исплатена заостанатата плата. Според синдикалните претставници, раководството било навремено известено дека доколку платата не биде исплатена најдоцна до 15. во месецот, ќе следуваат протести.
– Наместо одговор, добивме молк – велат дел од вработените, кои посочуваат дека празниците и најдолгиот месец во годината ги минале без никакви примања.
Претседателот на Синдикалната организација на „Македонска пошта“, Сашо Димитриевски, изјави дека во оваа државна компанија околу 60 отсто од вработените земаат минимална плата, која, како што рече, во моментов не можат ниту да ја добијат.
– Ова не ни се случува првпат. Трет или четврти месец по ред платата доцни, но овој месец го проби дното. Помина 23-ти, а луѓето се крајно револтирани. Работиме за минималец, а и тој минималец не можеме да го земеме. Протестот ќе трае сè додека не се создадат услови за исплата на платата – изјави Димитриевски.
Тој нагласи дека нема да дозволат и следниот месец да им доцни исплатата на платите и уште следната недела ќе преземат активности и ќе го известат Управниот одбор дека следниот месец ќе излезат на протест уште на 15 или 16 ако не добијат плата. Димитриевски најави дека доколку ваквата пракса продолжи, синдикатот нема да ја исклучи можноста за поригорозни чекори, вклучително и генерален штрајк. Според него, проблемите во „Македонска пошта’ се системски и траат повеќе од една деценија.
– Овој проблем се влече 15 години. Живееме на шкрги. Имаме лоша организација и погрешни луѓе на погрешни места. Во последно време се прават обиди за систематизација, но процесот оди бавно – додаде Димитриевски.
Протестот доби поддршка и од Сојузот на синдикати на Македонија. Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, истакна дека околу 2.000 семејства се оставени без приходи во еден од најтешките месеци во годината.
– Додека ние се подготвуваме за протести за зголемување на платите, овие луѓе протестираат за исплата на ниската плата. Срамота е да ги оставите работниците без пари, а истовремено да вршите притисоци врз нив. Нема да отстапиме од барањето платите веднаш да се исплатат – рече Трендафилов, додавајќи дека одговорноста ја гледа кај раководството и основачот на претпријатието, т.е. Владата.
Во меѓувреме, следеа и партиски реакции. Од СДСМ обвинија дека Владата нема средства за плати, но има за, како што велат, „криминални тендери“, оценувајќи дека неисплатата на платите е недозволива и дека мора да има одговорност.
Од друга страна, раководството на „Македонска пошта“ ги отфрла обвинувањата. Во писмено соопштение, од компанијата наведоа дека платата за сите вработени е обезбедена и дека организирањето штрајк во вакви услови е „крајно тенденциозно, несериозно и политички мотивирано“.
– Синдикатот беше навремено информиран дека проблемот е решен и дека платата е обезбедена за сите вработени. Сметаме дека вработените се злоупотребени од одредени политички структури, со што се нарушува нормалното функционирање на претпријатието – стои во соопштението од „Македонска пошта“.
Оттаму додаваат дека се во постојана комуникација со Владата и дека со заедничка соработка се надминуваат тековните предизвици. Апелираат до синдикалните организации да се вклучат конструктивно во решавањето на проблемите, без, како што наведуваат, манипулации и провокации.
И покрај уверувањата од раководството, вработените остануваат на ставот дека без конкретна исплата, протестите ќе продолжат, оставајќи ја неизвесна нормалната работа на „Македонска пошта“ и во наредните денови.
(С.Бл.)












