Вработените  од ЈП „Паркови и зеленило“ утре ќе ги блокираат двата влеза на претпријатието

35

Вработените од Јавното претпријатие „Паркови и зеленило“ и од фирмите ќерки „Флораком“ и „Луна“, денеска повторно излегоа на протест, изразувајќи револт поради неисплатената плата за месец септември.

Од 8 до 11 часот, тие ја блокираа крстосницата пред Зоолошката градина и булеварот „Илинден“ кај Матично.

Претседателот на Синдикатот на СУТКОЗ, Стојанче Кашиковски, вели дека, за жал, не успеале да стапат во контакт со раководството на ЈП „Паркови и зеленило“, односно со директорот, и затоа биле принудени на блокирање на сообраќајниците.

– Покрај неисплатената плата за септември, вработените сè уште немаат земено ниту регрес за годишен одмор или популарно К-15, ниту јубилејни награди ниту отпремнина на оние вработени кои заминуваат во пензија – вели Кашиковски.

Синдикатот веќе поднел пријави до Државниот инспекторат за труд, како и кривична пријава против директорот за неисплата на К-15, а најавуваат дека ќе продолжат и со поединечни тужби од страна на вработените за сите неисплатени побарувања.

Кашиковски информираше дека доколку платата за септември не биде исплатена во текот на денот, протестите продолжуваат, со тоа што во периодот  од 7 до 9  часот, вработените ќе ги блокираат двата влеза на ЈП „Паркови и зеленило“.

 

ИЗДВОЕНИ