Вработените во друштвата со ограничена одговорност „Флораком“ и „Луна“, кои се фирми ќерки на ЈП „Паркови и зеленило“, денеска третпат излегоа на протест, поради две неисплатени плати.
– Работниците, кои два часа го блокираа булеварот „Илинден“, се оставени без плати и без здравствено осигурување – изјави претседателот на Синдикатот на СУТКОЗ (Синдикатот на работниците од угостителството, туризмот, комунално – станбеното стопанство, занаетчиството и заштитните друштва на Република Македонија), Стојанче Кашиковски.
Досега не е исплатена платата за јуни, а за три дена треба да се исплати и платата за јули, за која, како што рече, за жал, немаат сигнали од раководството на ЈП „Паркови и зеленило“ дека ќе се исплати.
Тој информира дека дел од вработените во „Флораком“ и во „Луна“ во текот на вчерашниот ден се виделе со раководството и со директорот на „Паркови и зеленило“, но, како што рече, за жал, решение на проблемот од страна на директорот не било кажано.
Од страна на Град Скопје, пред две недели беа изгласани субвенции во износ од 80 милиони денари, кои се доволни не само да се исплати платата во овие две друштва со ограничена одговорност, „Флораком“ и „Луна“, туку и да се исплати и платата на вработените во „Паркови и зеленило“. За жал, повторно вработените не добија конкретен одговор кога ќе им биде исплатена платата. Ветувањата се дека ќе биде, потенцира Кашиковски.