Вработените незадоволни поради неисплатената септемвриска плата

24

Вработените во Јавното претпријатие „Паркови и зеленило“ и фирмите ќерки ДООЕЛ „Флораком“ и ДООЕЛ „Луна“ своето незадоволство поради неисплатената септемвриска плата денеска го искажаа со протест, блокирајќи ги двата влеза во ова претпријатие. Најавуваат дека ќе протестираат до петок, од 9 до 11 часот.

Претседателот на Синдикатот на СУТКОЗ (Синдикатот на работниците од угостителството, туризмот, комунално-станбеното стопанство, занаетчиството и заштитните друштва на Република Македонија), Стојанче Кашиковски, изјави дека како единствен репрезентативен синдикат, заедно со вработените и со синдикалната организација при ЈП „Паркови и зеленило“ во повеќе наврати минатата недела се обиделе да стапат во контакт со раководството на ова јавно претпријатие, но тоа било безуспешно.

– Доколку во текот на денот не се исплати платата за септември, за која има законски рок до 15 октомври, вработените ќе продолжат со изразување на своето незадоволство, повторно со блокирање на двата влеза на претпријатието до петок, во период од 9 до 11 часот. Доколку и до петок не се исплати платата, вработените се подготвени на радикализација на своите протести со блокирање на булеварите и на крстосниците во Град Скопје – изјави Кашиковски. 

Тој најави дека в петок вработените во овие три фирми заедно со Синдикатот на СУТКОЗ ќе донесат одлука за понатамошниот тек на протестите поради неисплатената септемвриска плата и поради неисплатените јубилејни награди, регрес за годишен одмор и останати додатоци на плати. Посочи дека како Синдикат, СУТКОЗ во изминатиот период ја информирале јавноста дека сегашното финансирање на ЈП „Паркови и зеленило“ е неодржливо и очекуваат од новото раководство на Град Скопје, веднаш по завршување на изборите, да одржат средба на која, како што рече, синдикатот ќе ги изнесе своите размислувања, поучени од искуството од финансирање на вакви и слични претпријатија во регионот.

Кашиковски наведе дека во 2022 година работниците од ЈП „Паркови и зеленило“ работеле на одржување на јавното зеленило во износ од 383 милиони денари, но, преку сметките за вода каде се наплаќа тој надомест за одржување на јавното зеленило се наплатени околу 240 милиони денари. Притоа, се појавувал недостиг за тоа што е сработено и тоа што како услуга го дале, а не успеале да го наплатат, околу 140 милиони денари.

– Сметаме дека е можно да се изнајде нов начин на финансирање –нагласи Кашиковски.

Вработените во ЈП „Паркови и зеленило“ и фирмите ќерки ДООЕЛ „Флораком“ и ДООЕЛ „Луна“ нема да протестираат в четврток, на 23 октомври затоа што е државен празник  – Ден на македонската револуционерна борба.

 

 

ИЗДВОЕНИ