Вработените на Урологија: Ние можеме без нови ајфони, пациентите не можат без клими

18

Сите клиники треба да го следат нашиот гест односно да се откажат од субвенциите за обезбедување нови мобилни телефони и со средствата да го купат тоа што им е неопходно за подобрување на условите за пациентите и да побараат донации. Пациентите се на прво место и ние сме тука за нив, пренесе МИА.

Ова денеска за МИА го истакнаа од Универзитетската клиника за урологија, која има реновирана болничка инфраструктура, реализирани проекти за подобрување на условите за работа, унапредување на медицинските услуги и подигнување на квалитетот на грижата за пациентите. Вработените на оваа Клиника не ги искористија субвенциите од одредена компанија за да си обезбедат нови службени мобилни телефони, во вредност од 500.000 денари, туку наместо тоа, со тие средства купија две машини за перење алишта и 18 клима уреди за сите болнички соби. Овој чин, според раководството на Клиниката, е суштинска посветеност за доброто на пациентите.

Директорот на Универзитетската клиника за урологија, Башким Шабани за МИА изјави дека наместо нови мобилни телефони за вработени одлучиле од истата компанија да земат клима уреди и машини за перење алишта.

– Со оглед на тоа што на Клиниката летно време е многу топло и нема клима уреди за пациентите одлучивме дека ќе се откажеме сите од мобилни телефони за да има клима уреди и машини за перење. Реално имавме голема потреба и од машини за перење и од клими. Тоа е еден добар гест. Тие бенефиции Клиниката ги имала 20 години наназад, меѓутоа можеби порано немало идеја не им текнало, а ние заедно седнавме го размисливме тоа и одлучивме вака да ги пренамениме средствата, истакна д-р Шабани

На прашање кој бил нивниот мотив, рече дека мотивот бил тоа што во летен период на температура над 40 степени Целизиусови пациентите на Клиниката биле без клима уреди.

– Сега при самото влегување на Клиниката е свежо, не се забележува дека е топло надвор, сите соби се климатизирани и имаат ЛЦД телевизори кои се донација од приватна фирма. Така се одлучивме на тој чекор кој е добар гест за пациентите. Можеби ние ќе имавме некоја ситна бенефиција, меѓутоа за нас тоа беше незначајно и се одлучивме на тој чекор, рече д-р Шабани.

На прашање што ќе им препорача на неговите колеги, директори на другите клиники, рече дека треба да мислат некогаш и на здравјето и грижата на пациентите, во смисла тоа да се подобри. Додаде дека одредени бенефиции кои ги имаат другите клиники не е лошо да одлучат да ги пренаменат за подобрување на инфраструктурните услови во клиниките и за да има и подобри услови за пациентите.

Претседателот на Управниот одбор на Клиниката, Огнен Ивановски рече дека се корисници на услуги на одредена компанија и тие услуги носат одредени годишни субвенции.

– Практично, тоа што ние направивме е што се откажавме од нашите субвенции, тоа се нови мобилни телефони, привилегии кои ги има раководниот кадар со цел да ги земеме овие 18 клими и машини за перење за добробит и наш и нивен на некој начин. Ќе продолжиме во овој тренд за да го подобриме престојот на нашите пациенти, рече Ивановски.

Посочи дека се корисници на повеќе компании кои даваат годишни субвенции кои можат да се искористат за добробит на Клиниката.

– Тоа е нов пристап во менаџирањето на здравствената установа. До идејата дојде едноставно, така што од компанијата која нуди мобилни телефони нуди и клима уреди наместо вработените да изберат нов ајфон 16, тие го задржаа телефонот што го имаат и кој им е во функција и со субвенциите се земаа клими и машини за перење. Ова е хируршка гранка, оперирани болни, топло е, ќе се спурат раните, загнојуваат многу често. Сега веќе не е така. Во секоја соба има телевизор, а за кратко време ќе има приклучок и за кабловска телевизија. Во шок собата има подвижен параван за пациентот да ја сочува својата интима, додаде Ивановски.

Главната медицинска сестра на Клиниката, Виолета Стојановска рече дека за две години повторно ќе добијат нови субвенции и дека можеби и нешто друго ќе направат.

Таа рече дека сите биле едногласни во одлуката да се пренаменат средствата и посочи дека еден мобилен апарат после две години користење е се уште во употреба, односно функционира, немало причина да го менуваат со нов и поради тоа одлучиле да се пренаменат средствата за општото добро на Клиниката.

-Пациентите се на прво место, ние сме тука за нив. Нашата професија е поврзана со тоа. Претходно имавме донација за две клими за кои немаше инсталација и стоеја како украс. Во другите простории, во болничките простории немаше клима. Такви беа условите. Сега во секоја болничка соба има и прочистувачи на воздух. Нема дел кој не е реновиран, до ситници, до ѕидови, до решетките за вентилацијка, до ситници беше сменето и размислувано вака да изгледа. Имаме уште една донација во врска со една нова метода за БК фјужн апарат за биопсија на простата и сумата за тој апарат е 100.000 евра од донација, а 100.000 од сопствената сметка. Имаме многу донации во смисла на колички, кревети за прегледи, ново ЕКГ и други апарати, појасни Стојановска.

И директорот, и претседателот на УО и главната сестра на Урологија се едногласни во заклучокот дека сите овие активности може да се реализираат и во други клиники, но оти тоа зависи од нивните менаџерски тимови.

ИЗДВОЕНИ