Вработените на бензинските пумпи на „Лукоил“ во неизвесност чекаат нов газда или ставање клуч на врата на компанијата. Министерството за финансии на САД го продолжи рокот (место 21 ноември, до 13 декември) руската компанија да ги продаде своите средства во странство, вклучително и во Македонија, каде што поседува 40 пумпи, еден склад, а се вработени 500 лица.

Вработените се во неизвесност што ќе се случи по тој датум, затоа што претходно финансиските власти на САД не ја дозволија договорената трансакција со „Гунвор груп“. По пропаѓањето на  договореното, од „Лукоил“ информираа дека сега се во преговори со други потенцијални купувачи, а меѓу нив е и американскиот нафтен гигант – „Шеврон“. Од „Лукоил“ изјавија дека имаат цел „да се обезбеди непречено работење на средствата во текот на нивната продажба и пренос на нови сопственици“.

– Министерството за финансии на САД минатата недела им даде одобрение на потенцијалните купувачи да разговараат со „Лукоил“ за странските средства. „Шеврон“ ќе им се придружи на „Карлајл“ и на другите компании во трката за портфолиото на „Лукоил“ вредно најмалку 20 милијарди долари – пренесоа некои балкански портали.

„Карлајл“ е американска компанија со приватен капитал и според информациите на „Ројтерс“, тие ја истражуваат можноста за купување на средствата на „Лукоил“ во странство.

Вчера, финската компанија „Тебоил“, во сопственост на руски „Лукоил“, објави дека се подготвува да ги затвори сите свои бензински пумпи во земјата, бидејќи снемува гориво поради санкциите на САД против нејзината матична компанија. „Тебоил“ има 430 бензински пумпи во Финска, според податоците на веб-страницата на компанијата, што е една петтина од 2.250. станици во нордиската земја. Во соопштението од „Тебоил“ се наведува дека станиците ќе бидат затворени во фази кога ќе се распродадат резервите на гориво.

– Новата лиценца обезбедува јасна правна основа за обновување на платниот сообраќај на компанијата. „Тебоил“ се стреми да ги обнови своите оперативни капацитети што е можно поскоро – изјавија од компанијата.

САД воведоа санкции кон „Лукоил“ и кон „Роснефт“ уште минатиот месец, со цел администрацијата на претседателот Доналд Трамп да ја принуди Москва на мировни преговори со Украина.

„Лукоил“ произведува околу 2 % од глобалното производство на нафта дома и во странство и сега бара купувачи за своите меѓународни средства во вкупна вредност од 22 милијарди долари.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ