Воздухот во скопско Трубарево е чист, а во текот на денот се чекаат и резултатите од испитувањето што ги прави Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, информира денеска вицепремиерот и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, одговарајќи на новинарско прашање за состојбата по пожарот што пред десетина дена се случи во фабриката „Ф-групација“, каде гореше електричен и електронски отпад.
„Откако се стабилизираше состојбата со пожарот, се стабилизираше и состојбата во воздухот. Таму е чисто, нема никаков проблем“, рече тој.
„Ги прикажавме резултатите и од преку ден и од ноќта, кога беа покачени. Откако се стабилизираше состојбата со пожарот, се стабилизираше и состојбата во воздухот. Таму е чисто, нема никаков проблем. Сега работиме на испитување на почвата, а во текот на денот чекаме да пристигнат и тие резултати“, информираше Меџити.
Според последниот Извештај од индикативни мерења на квалитетот на воздухот на Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), концентрациите на ПМ 10 честички во Трубарево се во рамките на дозволените граници и не ја надминуваат 24-часовната гранична вредност пропишана за заштита на човековото здравје.
Мерењата на суспендирани цврсти честички (ПМ 10) на мерното место Трубарево, спроведени во периодот од 21.09.2025 во 8:30 часот до 22.09.2025 година во 8:30 часот покажуваат дека просечната концентрација изнесува 14,2 микрограми на кубен метар. Највисока измерена вредност е 44,1 микрограми на кубен метар, додека моменталното ниво е 11,9 микрограми на кубен метар.
Резултатите од акредитираната лабораторија што на 19 септември ги објави Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), а кои се однесуваат на квалитетот на воздухот во Трубарево, покажаа зголемување на концентрациите на олово, кадмиум и арсен.
Примероците земени од воздухот во Трубарево на 13 и на 14 септември покажале дека честичките ПМ 10 биле покачени речиси за двојно, односно биле измерени 92,65 микрограми на кубен метар, а дозволената граница е 50.
Концентрацијата на олово била 0,75 микрограми на кубен метар, а дозволената граница е 0,5. Арсен имало 8,9 нанограми на кубен метар, а дозволено е 6.
Најголемо зголемување имало кај кадмиумот, чии концентрации биле над десет пати повеќе од дозволеното. Измерени биле 59,1 нанограм на кубен метар, а дозволената граница е 5.
Концентрациите на сулфур диоксид, азот диоксид и јаглерод моноксид на сите три места се покачени од два до три пати над дозволеното. Јаглерод моноксидот, пак, чија просечна вредност не треба да надминува 10 микрограми на кубен метар, била 300.
Мерењето на квалитетот на воздухот во Трубарево доаѓа откако на 13 септември се запали фабриката „Ф-групација“, каде што имаше складирано електронски и електричен отпад.
Од пожарот се дигна црн чад што неколку часа можеше да се види речиси од цело Скопје.