Сараево утрово повторно се искачи на врвот на листата на градови со најголемо загадување на воздухот во светот, а според податоците објавени наутро, воздухот во него бил во таканаречената „кафеава зона“, односно означен како опасен за здравјето на луѓето.
Според податоците собрани од швајцарската веб-страница IQ Air, индексот на квалитет на воздухот бил означен со 412, а потоа бројот постепено почнал да се намалува, но сепак е во зоната што укажува на највисоко можно ниво на загадување.
Во такви околности, локалните власти препорачуваат најчувствителните категории, како што се децата, бремените жени и постарите лица, да избегнуваат секаков престој на отворени простори.
Вториот град со најзагаден воздух во светот беше главниот град на Индија, Делхи, со индекс од 228 и ознака за многу нездрав, а на третото место и во истата категорија, главниот град на Бангладеш, Дака.












