Министерството за животна средина вчера ги прекина мерките и препораките за надминат праг за алармирање, но тоа не значи дека скопјани веќе дишат планински воздух.

– Согласно со податоците од Државниот автоматски мониторинг-систем на ден 22.12.2025, среднодневните концентрации на РМ 10 се под дефинираниот праг за алармирање од 150 мг/м3 и епизодата со надминување на прагот за алармирање за РМ1 0 честички е прекината во Скопје и во Струмица – информираа од Министерството за животна средина.

Мерните станици во Скопје покажуваа дека има умерено аерозагадување. Меѓународните стандарди пропишуваат дневната гранична вредност на ПМ 10 да е 50 мг/м3, а во Лисиче вчера напладне беа 72 мг/м3, во Центар беа 92 мг/м3, кај Ректоратот беа 84 мг/м3. Состојбата со ПМ 2,5-честичките, кои се уште поопасни честички бидејќи навлегуваат длабоко во белите дробови, е посериозна. Ако кај нас граничната вредност е 25 мг/м3, а на Светската здравствена организација е 5 мг/м3, мерните станици во Скопје покажуваа неколкукратни повисоки вредности. Така во Лисиче беа измерени 33 мг/м3, во Центар беа 60 мг/м3, а за кај Ректоратот немаше податоци.

И покрај загадениот воздух, Министерството за образование нема да прогласи предвремен зимски распуст.

– Учебната 2025/2026 година ќе продолжи според планираниот календар и учениците ќе следат настава до крајот на месецов пред да заминат на зимски распуст, без предвремено скратување на учебните денови поради загадувањето на воздухот – истакна министерката Весна Јаневска.

Таа нема информации дека е загрозено здравјето на учениците и дека не претставува проблем доколку отсуствуваат ден-два од наставата од здравствени причини, при тоа нагласувајќи дека треба да се избегнуваат негативните практики од минатото, кога се скратувале учебните денови од различни причини.

– Жал ми е што морам да направам груба споредба, но во некои европски земји, и кога имаат грип, и во градинка и на училиште, децата одат на настава сè додека не е загрозено нивното здравје. Ова го истакнувам за коментарите дека нашите деца многу учат и се оптоварени – не, не се. Доколку им е здравјето во прашање, лекарите и родителите ќе одлучат за тоа, но ако не е ништо сериозно, отсуството од ден-два не е проблем. Би било проблем, како што се случувало во минатото, да ги скратуваме учебните денови или да отсуствуваат учениците поради одмор или подготовки за писмени. Тие негативни појави полека ќе треба да ги отстраниме. Но, секогаш ќе одлучуваме во корист на здравјето на учениците – рече Јаневска.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ