Со воена свеченост која се одржа во касарната „НХ Страшо Пинџур“ во Петровец, припадниците на воздухопловниот ВИНГ (вВИНГ) од составот на Командата за операции (КО) го одбележаа, 10 Јуни – Денот на единицата, ден кој симболично го одбележува првиот воен лет во историјата на Армијата во 1992 година и кој денес е институционален белег на военото воздухопловство на Армијата.
Честитајќи го Денот на единицата, началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски истакна дека со напорна работа и посветеност, воздухопловниот ВИНГ прерасна во респектабилна и целосно компатибилна единица, која функционира и се развива согласно стандардите на НАТО.
– Водени од критериумите за интероперабилност и оперативност, а во рамки на долгорочниот план за развој на одбраната, со задоволство може да истакнам дека воздухопловниот ВИНГ е на пат да се модернизира со нови, современи воздухоплови, како и со најсофистицирани борбени системи и опрема за успешно водење на противвоздушна одбрана, со што ќе се зголеми и неговата борбена готовност – додаде генералот Лафчиски.
Командантот на воздухопловниот ВИНГ, полковник Драган Павловски, потсети на клучните историски моменти и етапи во развојот на воздухопловната компонента, почнувајќи од првиот воен лет во 1992 година, преку набавката на хеликоптери и авиони, учеството во меѓународни мисии, модернизацијата и формирањето на Центарот за обука на пилоти. Тој упати благодарност до сите припадници на единицата за нивната посветеност и истакна дека военото воздухопловство останува клучен столб на одбранбените способности и доверлив партнер во рамки на Алијансата.
Во рамки на свеченоста, беа доделени признанија и стимулативни мерки за припадници кои се истакнале со особена посветеност и професионален ангажман. Присутните имаа можност да проследат и прелет на воздухоплови со кои располага воздухопловниот ВИНГ и прелет на Ф-16, воздухоплови на грчкото воено воздухопловство во рамки на редовното воздушно патролирање.
Во пресрет на одбележувањето на денот на единицата, припадниците на вВИНГ организираа спортски активности, крводарителска акција и положија свежо цвеќе во знак на почит кон трагично загинатите припадници на вВИНГ – чин кој сведочи за негувањето на духот на солидарност, грижа и институционално сеќавање.