Кантоналниот суд во Сараево го одби предлогот за определување едномесечен притвор за Аднан Касаповиќ, кој управувал со трамвајот во моментот на тешката сообраќајна несреќа што се случи во четвртокот.
Според наводите на обвинителството, досегашниот тек на истрагата упатува дека несреќата, во која едно лице го загуби животот, а четири беа повредени, се случила поради човечки фактор.
Несреќата се случила кога трамвај од чехословачко производство, стар повеќе од 40 години, со голема брзина влегол во свиок, излетал од шините и удрил во трамвајска постојка, која била целосно урната.
Одбраната, пак, тврди дека причината е технички дефект, што, според нив, оневозможило намалување на брзината. Адвокатите истакнале дека нивниот клиент е искусен возач и дека во конкретниот случај дошло до трипати поголемо забрзување од вообичаеното.
„Возачот се обидел да ја намали брзината, но поради техничкиот дефект тоа не било можно“, изјавил адвокатот Елмин Плеќан, додавајќи дека истиот ден на терминалот на Илиџа имало сличен инцидент со ненадејно забрзување на трамвај.
Касаповиќ се согласи со наводите на одбраната, посочувајќи дека не се чувствува виновен и дека проблемот е од техничка природа. Тој нагласи дека вакви дефекти се добро познати меѓу вработените во јавното претпријатие Градски превоз Сараево (ГРАС) и дека често се случуваат кај овие типови трамваи.
„Имав сличен случај пред 20 години. Во трамвајот има видеонадзор и снимката ќе покаже многу. Таа сè уште не е прегледана. Жал ми е. Жал ми е за децата. Во тешка состојба сум“, изјави Касаповиќ.












