Казните за сообраќајни прекршоци евидентирани преку системот „Безбеден град“ за ЈСП „Скопје“ ќе ги плаќаат возачите на автобусите, а не претпријатието. Тоа се однесува и за другите градски претпријатија.
Скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, посочи дека ако возач на ЈСП или на механизацијата на другите јавни претпријатија помине на црвено или ја надмине брзината, прекршокот нема да се „покрие“ со јавни пари.
Според најавата, мерката е дел од поширок пакет за дисциплина и контрола во возниот парк, поради што, како што рече Ѓорѓиевски, возилата нема да можат да стартуваат без картичка од возачот за да се знае во секој момент кој управува. Ако, сепак, не може да се утврди кој бил зад воланот, одговорноста ќе ја сноси шефот на возниот парк.
Ѓорѓиевски најави и поставување мерачи на гориво и ГПС-уреди, со цел да се детектираат и спречат злоупотреби поврзани со потрошувачката на нафта кај тешката механизација и автобусите. Пораката е дека треба да алармира системот и за најмало отстапување, како сигнал за можна кражба или нерегуларност.
Контекст за потегот е воведувањето на „Безбеден град“, како систем што автоматски ги детектира прекршоците преку камери.












