Поранешниот американски возач на НАСКАР, Грег Бифл (55), загина во авионска несреќа во Северна Каролина, заедно со членовите на неговото семејство – сопругата, синот и ќерката.
Неговиот близок пријател, Гарет Мичел, познат како Клетус Мекфарланд од неговиот популарен канал на „Јутјуб“, по веста за несреќата објави на „Фејсбук“ дека Бифл, неговата сопруга Кристина и нивните деца, син и ќерка, биле во авионот.
- За жал, можам да потврдам дека Грег Бифл, неговата сопруга Кристина, ќерката Ема и синот Рајдер биле во тој авион, зашто биле на пат да го поминат попладнето со нас. Скршени сме и многу ми е жал што го споделувам ова, напиша Мичел на социјалните мрежи.
Малиот авион се урна во четвртокот наутро додека се обидувал да слета на регионалниот аеродром Стејтсвил во Северна Каролина. Податоците за регистрација на авионот покажуваат дека бил во сопственост на Грег Бифл, 55-годишен поранешен возач на НАСКАР, кој славеше на 19 трки од Куп серијата во текот на 20-годишната кариера.
Greg Biffle’s jet just crashed at KSVH. A friend heard an unusual sound when the Citation was taking off. It appears they tried to return to field. No other confirmed details. #NASCAR @flightaware pic.twitter.com/CqaAuYDR55
— Nick (@nick_dudley) December 18, 2025
Иако имињата не се објавени, изјавата од неговиот пријател разјасни дека познатиот американски возач бил во авионот. Во меѓувреме, локалната канцеларија на шерифот на округот Иредел потврди дека има жртви, но не го прецизираше бројот на жртви или нивниот идентитет.
Несреќата се случила околу 10:15 часот наутро, соопштија градските и аеродромските власти на прес-конференција. Федералната администрација за авијација (ФАА) пристигнала на местото на настанот околу пладне.
- Сите агенции се на терен во моментов, изјави градскиот менаџер Рон Смит за новинарите.











