Завршија превентивно-конзерваторските работи на вовчето „Ќиро“, со што локомотивата и трите вагони се заштитија од штетните атмосферски влијанија.
Зафатот го изведе компанија од Кичево, а средствата во износ од 100.000 денари ги обезбеди Министерството за култура и туризам.
– Вовчето „Ќиро“, лоцирано пред железничката станица во Кичево пред половина век, во изминатите три седмици целосно беше ревитализирано, а парите за оваа намена ги обезбеди Министерството за култура и туризам, додека реализатор на овој проект е Музејот „Западна Македонија во НОВ“ од Кичево. Со овој зафат, извршена е целосна конзервација на оваа композиција за да се спречи нејзино натамошно оштетување. Локомотивата се заштити од корозија, додека вагоните од скапување, а на оние вагончиња на кои беа искршени прозорците и бравите, беа поставени нови – истакна Валентина Вељаноска, директорка на Музејот „Западна Македонија во НОВ“ во Кичево.
Таа напомена дека најпрво оваа композиција била поставена непосредно пред влезот на железничката станица, за пред дваесетина години да се дислоцира на средината од тротоарот на главниот булевар, со поглед кон градот. Се добива впечаток дека вовчето секој момент ќе се упати кон Градскиот плоштад.
Од изведувачот на работите, компанијата на браќата близнаци Драган и Стојан Мицкоски од Кичево, посочија дека во изминатите години оваа композиција била многу оштетена од неодговорни посетители. Биле искршени голем број прозорци на вагоните, биле оштетени влезните врати и бравите, а во вагончињата било насобрано многу ѓубре, па дури и фекалии од неповиканите посетители.
Инаку, вовчето „Ќиро“ на теснолинејката Кичево-Охрид сообраќало од почетокот на 1922 година, сè до 1966 година, а по пет години од овој настан, била отворена и новата железничка станица Кичево и била изградена железничката пруга од нормален колосек, која го поврза Кичево со Скопје.