Восхитувачка интерпретација и музичка префинетост покажаа професионалните млади инструменталисти од Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија, „Саша Николовски-Ѓумар“, музицирајќи завчеравечер на „Охридско лето“. Концертот традиционално се одржува секоја година на фестивалот во црквата „Света Софија“, овој пат се одвиваше под диригентската палка на маестро Иван Еминовиќ, кој има богато професионално портфолио.

– Се работи за младински оркестар, но со искусни музичари. Некои од нив веќе подолго свират во Македонската опера и балет и во Македонската филхармонија.  Секогаш е прекрасно чувството  да се работи со младина. Тие се секогаш подготвени, секогаш зрели. Годинава за публиката на „Охридско лето“ подготвивме  одлична и интересна програма. Имавме еден вид натпревар помеѓу двајцата великани Антонио Вивалди и Астор Пјацола изведувајќи ги нивните  годишни времиња, секој од својата доба. Имаше многу убава фузија на звуци. Репертоарот го завршивме со еден, би рекол, бисер на вечерта од нашиот композитор и уметник, Дамјан Темков. Композицијата носи наслов „За една драма“ или „За една дама“, кој како сака може да си ја протолкува. Верувам дека публиката уживаше, вели маестро Еминовиќ.

Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија постои 38 години и е основан како прв сегмент на Летниот музички камп на МММ во Охрид во 1986 година. Повеќе од 400 млади музичари биле дел од овој уникатен состав.

ИЗДВОЕНИ