Вооружен маж уапсен на голф теренот на американскиот претседател Доналд Трамп во Калифорнија наводно ги имал распоредите на првата дама Меланија Трамп и детални информации за персоналот на американската тајна служба, објавија медиумите денес.
Џанин Џон Тил (38) имал повеќе од 200 страници материјал, вклучувајќи ги распоредите на првата дама и членовите на безбедносниот тим на претседателот, како и детални информации за поединечни членови на тајната служба, објави АП, повикувајќи се на информации презентирани за време на судското рочиште, објави Фокс њуз.
Според Њујорк пост, обвинителите рекоа дека Тил имал седум тетратки со 208 страници цртежи и скици од голф клубот на Трамп во Лос Анџелес во Ранчо Палос Вердес, списоци со распореди на тајната служба, детали за поединечни безбедносни лица и копии од распоредот на Меланија Трамп.
Материјалите, исто така, содржеле детални списоци на опрема и потреби за преживување.
Тил се изјасни за невин по четири кривични обвиненија што произлегоа од неговото апсење неколку дена пред планираната посета на голф теренот на Трамп.
Судијата на Окружниот суд во Лос Анџелес, Џон Лонерган помладиот, ги нарече обвиненијата „алармантни“, а кривичната постапка беше отфрлена откако прелиминарната проценка покажа дека Тил не е ментално способен да се соочи со судење.
Случајот е упатен до суд за ментално здравје.
Тил беше уапсен откако федерални агенти во цивил го забележале како се движи низ теренот, фотографира и снима видеа и наводно ги следи активностите за безбедносно планирање пред посетата на Трамп.
Според Шерифската служба на округот Лос Анџелес, кај него биле пронајдени 16 куршуми со шуплив врв, додека наполнет пиштол со куршум во цевката и уште едно пакување муниција биле пронајдени во неговото возило.
Истражителите подоцна го пребараа неговиот дом во Дауни, каде што пронајдоа нелегално модифицирана пушка со AR-платформа, пиштол од калибар .45, панцири, уреди за радио сигнализација и неколку тетратки со содржина што властите претходно ја опишаа како „вознемирувачка“.
Случајот го истражуваат Заедничката работна група за тероризам на ФБИ, Тајната служба и Шерифската служба на округот Лос Анџелес.
Тил, поранешен маринец кој служел во Ирак и Авганистан, ќе остане во притвор до неговото сослушување на 9 септември во Судот за ментално здравје во Холивуд.












