Вооружени напаѓачи киднапираа 25 ученички од интернат во Нигерија

23
Foto: EPA

Вооружени напаѓачи киднапираа 25 ученички од интернат во северозападна Нигерија, потврди полицијата. Во нападот, кој се случи рано утрово, еден член на персоналот е убиен, а друг е повреден, пишува Скај њуз.

Нападот се случил во 4 часот наутро по локално време во интернат во Мага, државата Кеби. Портпаролот на полицијата, Нафиу Абубакар Котаркоши, изјави дека напаѓачите биле вооружени со „софистицирано оружје“ и размениле оган со чуварите пред да ги однесат девојчињата. Тој додаде дека полициските екипи пребаруваат сомнителни патишта за бегство и околните шуми во потрага по киднапирани ученички и сторители.

Чести напади врз училишта
Инцидентот е последен во серијата киднапирања на ученици во северниот регион на Нигерија, каде што вооружени групи ги напаѓаат децата повеќе од една деценија. Сепак, оваа година се забележува зголемување на нападите извршени од разни вооружени групи. Најозлогласениот случај се случи во 2014 година, кога милитантната група Боко Харам киднапираше 276 ученички од средно училиште во Чибок, а судбината на многу од нив останува непозната.

Ниту една група сè уште не ја презеде одговорноста за најновото киднапирање.

ИЗДВОЕНИ