Најмалку 11 луѓе загинаа, а 12 се повредени кога група вооружени напаѓачи отворија оган врз присутните на фудбалскиот натпревар во Саламанка, централно Мексико. Според локалните власти, десет од жртвите починале на самото место, а една подоцна им подлегнала на повредите во болница. Меѓу ранетите се и една жена и едно дете.
Градоначалникот Сезар Прието изрази длабока загриженост и побара поддршка од претседателката Клаудија Шајнбаум за спречување вакви насилни акти. Според него, криминалните групи се обидуваат да ги потчинат властите, но нема да го постигнат тоа, пренесува „Ројтерс“.
– Тој инцидент придонесува за бранот насилство што, за жал, го доживуваме во земјата, особено во Саламанка. Одговорните ќе бидат пронајдени – рече градоначалникот.
Според Канцеларијата на државниот обвинител во државата Гванахуато, каде што се наоѓа Саламанка, започната е истрага.












