Бугарската Влада поднесе колективна оставка, објави денеска премиерот Росен Жељазков. Оваа најава дојде во моментот кога требаше да гласа Парламентот за недоверба на Владата, што ќе беше шесто такво гласање откако Жељазков ја презеде функцијата на 15 јануари.
Колективната оставка на Владата е резултат на несогласувањето околу буџетот, кој требаше да биде прв во евра по влезот на Бугарија во еврозоната, но и на бранот протести што се одржуваат со недели.
– Моментално, како што налага Уставот, моќта доаѓа од гласот на народот. Го слушаме гласот на граѓаните што протестираат против Владата. Млади, стари, луѓе од различни етнички групи го кренаа својот глас за оставка. Ние ја поддржуваме граѓанската енергија, ја охрабруваме. Кабинетот е создаден од различни партии, обединети на европскиот пат. Бугарија да биде дел од земјите што ја изградија најстабилната унија – ЕУ – рече Жељазков.
Тој појасни дека коалицијата разговарала за предизвиците со кои се соочува и за одлуките што треба да ги донесе и дека немала сомнеж околу тоа дека Владата ќе добие поддршка на планираното гласање за недоверба.
– Ќе ја исполниме буџетската рамка за 2026 година. Буџетскиот план што го предложивме беше за социјална заштита и за зголемување на куповната моќ на граѓаните. Се чинеше дека не може да биде ова. Или не беше целосно објаснето или нашите противници не разбраа. Протестот беше против ароганцијата и суетата, за начинот на кој се спроведуваат вредностите на демократијата. Затоа Владата поднесе оставка – рече Жељазков.
Демонстрациите во најсиромашната земја во ЕУ почнаа како израз на незадоволство поради првиот буџет во евра, па прераснаа во масовен протест против Владата, со кулминација синоќа, кога излегоа илјадници луѓе на улиците во Софија и во десетици други градови во Бугарија за да побараат оставка од малцинската влада, објави „Ројтерс“. Демонстрантите користеа ласери за да ги проектираат зборовите „оставка“, „мафијата надвор“ и „за фер избори“ врз зградата на Парламентот во центарот на Софија.
Под притисок на незадоволните граѓани, минатата недела, бугарската Влада го повлече својот буџетски план за 2026 година. Опозициските партии и други групи изјавија дека протестираат против плановите за зголемување на придонесите за социјално осигурување и даноците на дивиденди, кои беа воведени за финансирање на повисоките државни трошоци. И покрај повлекувањето на буџетскиот план, протестите продолжија со несмалено темпо во земјата што одржа седум парламентарни избори за четири години, од кои последните во октомври 2024 година.
Бугарската новинска агенција БТА во средата објави дека Бојко Борисов, поранешен премиер и лидер на владејачката партија ГЕРБ, изјавил дека партнерите во владејачката коалиција се согласиле да не поднесуваат оставка пред да ѝ се приклучи Бугарија на еврозоната на 1 јануари. Сепак, Асен Василев од реформистичката опозициска партија Продолжуваме со промени, која беше меѓу организаторите на протестите во средата, рече: „Ќе влеземе во еврозоната дури и ако Владата поднесе оставка“.












