Во преполната концертна сала на Бамбергската филхармонија, неодамна се одржа спектакуларен концерт под диригентската палка на македонскиот маестро Џијан Емин, во соработка со светски познатиот пијанист и композитор, Франческо Тристано. Настанот во Бамберг, Германија, претставуваше мост меѓу класичната музика и современиот електронски звук, обединувајќи го симфонискиот израз со техно и со авангардните елементи во едно несекојдневно музичко доживување.

Под водство на Емин, оркестарот на Бамбергската филхармонија ги демонстрираше своите техничка прецизност и музичка сензибилност, совршено надополнети со виртуозната изведба на Тристано. На пијано и електроника, тој маестрално ги испреплетуваше традицијата и иновацијата.

Концертот беше пречекан со долготрајни овации, а публиката препозна и возврати на уникатната уметничка хемија меѓу двајцата уметници. Настанот е дел од нивната поширока соработка, која во последниве години успешно ги освојува концертните сцени во Европа.

– Концертот во Бамберг, заедно со оркестарот „Bamberger Symphoniker“ и со Франческо Тристано, за мене, беше вистинско уживање. Да се соработува со ваков врвен оркестар е едноставно фантастично, нивото на реакција и исполнителност е извонредно. Искрено, ова е најдобриот оркестар со кој сум работел досега. Во минатото имав можност да диригирам и со други светски оркестри: Симфонискиот оркестар на Детроит, на Мелбурн, како и оркестри во Лондон, Париз, Фландрија, Мец, Ница… но процесот со овој оркестар беше неверојатно искуство. Станува збор за оркестар од светска класа, каде што како гости диригенти се појавуваат имиња како сер Сајмон Рател, Густаво Дудамел, Иван Фишер, Марис Јансонс… Можеби е полесно ако направам аналогија со Лигата на шампионите, за полесно разбирање – изјави Емин.

Тој додаде дека Франческо, како пијанист, бил на извонредно високо ниво, бидејќи, исто така, бил инспириран од оркестарот.

– Фактот што покрај изведбата на концертот во D-мол од Ј.С. Бах изведовме и наша авторска музика, го направи овој концерт уште поважен и особен за нас. Публиката не штедеше на аплаузи, добивме десетминутни стоечки овации, проследени со силен ентузијазам – посочи Емин за овој спектакуларен концерт.

Настанот беше одбележан и од медиумите, како дел од новата „шампионска музичка лига“. Во еден од описите пишува:

– Она што на прв поглед може да изгледа необично, на подлабоко слушање се претвора во иновативен спој. Пијанистот и продуцент Франческо Тристано, дипломец на „Џулијард“ и мост меѓу класичната и популарната музика, заедно со диригентот Џијан Емин, разви концепт што вешто ги брише границите меѓу жанровите. Во амбиентално концертно доживување, препознатливиот звук на класичниот симфониски оркестар се преплетува со авангардните текстури, звуци и ритми на електронската музика. А кога преминуваат безвременските дела на Јохан Себастијан Бах во сложени композиции на Џијан Емин и Франческо Тристано, разликата меѓу музичките светови одеднаш не изгледа толку голема. Овој концерт претставува уште едно признание за интернационалниот успех на македонската музичка сцена, како и потврда за сè поголемата важност на крос-жанровските проекти во современата уметничка продукција.

ИЗДВОЕНИ