Решен двонеделниот проблем со водоснабдување во вишекатницата на Македонската радиотелевизија. Во ова зграда во која се сместени неколку државни агенции, комисии, органи при министерства со илјада вработени, немаше вода од третиот кат па нагоре, а како резултат на тоа се шири реа од валканите клозети.
Од владината Служба за општи и заеднички работи за весникот ВЕЧЕР изјавија дека веќе од сабајлево има вода на сите катови во зградата.
– Направивме контрола на сите цевки, хидрофорните пумпи и вентили и констатиравме дека не е проблемот кај нас, туку од ЈП „Водовод и канализација“ не обезбедувале доволен притисок во доводот на вода – велат од СОЗР.
Прекин во водоснабдувањето има во зградата на Детската клиника за белодробни заболувања во Козле. Министерството за здравство информира дека поради прекин во водоснабдувањето веднаш е побарано од Универзитетска клиника за детски болести и Универзитетска клиника за инфективни болести и фебрилни состојби времено да ги згрижат пациентите кои ќе имаат потреба од хоспитализација, додека во Козле ќе продолжи третманот на пациенти во дневна болница и амбулантските прегледи. Оваа иницијатива е во насока на обезбедување континуитет во третманот и грижата за најмладите пациенти – велат од Министерството за здравство.
Оттаму посочуваат дека ја следат состојбата и по нормализирање на водоснабдувањето во Универзитетската клиника за белодробни заболувања кај децата – Козле, непречено ќе продолжи хоспитализацијата на пациентите во оваа јавна здравствена установа.
(С.Бл.)