– Ова беше втор настан од одличната соработка на трите оркестри. И овој пат салата беше преполна, изведбата беше наградена со стоечки овации, а на бис беше изведена „О фортуна“. Нашата Ана Дурловски, пак, беше вонземна. Се надевам дека соработката ќе продолжи како културна дипломатија и дека ќе имаме можност да видиме ваков концерт и во Скопје – вели за весникот ВЕЧЕР виолинистот и концерт-мајстор на Македонската филхармонија, Владимир Костов, по вчерашниот заеднички настап во Солун со Софиската филхармонија и со Државниот оркестар од градот домаќин, каде што беше изедена „Кармина Бурана“

 

– Сонуваме за свет со повеќе музички инструменти, а со помалку оружје – со овие зборови директорот на Државниот оркестар на Солун, Симос Папанас, вчеравечер, во концертната сала во овој град во Грција, испрати силна порака пред почетокот на изведбата на кантатата „Кармина Бурана“ од Карл Орф, во чија изведба учествуваа и Македонската и Софиската филхармонија. Овој заеднички настап на трите оркестри, кој беше награден со долги аплаузи и овации, уште еднаш ја покажа моќта на музиката. Како што велат од Македонската филхармонија, „моќта на уметничкото обединување и на креативноста е чекор кон слободата! Изведбата на кантатата ‘Кармина Бурана’ во Солун, уште еднаш ја потврди ненадминливата уметничка сила. Двесте уметници на сцената – оркестарот, хоровите, солистите и диригентот создадоа величествена атмосфера. Во салата се чувствуваше вистинска радост и меѓу музичарите и меѓу публиката, која ги награди уметниците со овации и долги аплауз“.

Под диригентската палка на Михалис Иконому од Грција, на сцената настапија и хоровите од трите држави, како и солистите, нашата сопранистка Ана Дурловски, бугарскиот баритон Иво Јорданов и контратенорот Николас Спанос од Грција.

– Ова беше втор настан од одличната соработка на трите оркестри. И овој пат салата беше преполна, изведбата беше наградена со стоечки овации, а на бис беше изведена „О фортуна“. Нашата Ана Дурловски, пак, беше вонземна. Се надевам дека соработката ќе продолжи како културна дипломатија и дека ќе имаме можност да видиме ваков концерт и во Скопје. Инаку, ова не е прва соработка на оркестрите од Балканот. Соработка на балкански оркестри имавме и во 1999, 2000, 2001 година, со Емил Табаков – вели за весникот ВЕЧЕР виолинистот и концерт-мајстор на Македонската филхармонија, Владимир Костов.

Професорката Елка Јачева-Улчар од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ – Скопје, која присуствуваше на настанот во Солун, напиша на социјалните мрежи: „Каков моќен концерт! Каков раскош вечерва среде Солун! Само музиката и уметноста може да изградат толку моќни и цврсти пријателства, колку што никогаш не може политиката!“

 

Инаку, ова е втора изведба на „Кармина Бурана“ по премиерата во Софија во февруари, која беше проследена со овации од публиката. Главен „виновник“ за оваа спектакуларна соработка, велат од Македонската филхармонија, е маестралниот диригент Најден Тодоров, кој не ја криел неизмерната среќа „што, конечно, се реализира идејата за уметничко сплотување на три оркестри во едно тело“.

„Кармина Бурана“ е едно од најголемите музичко-сценски дела, кое има статус на музички бестселер на 20 век. Со своето извонредно влијание врз слушателите, „Кармина Бурана“ ги освои срцата на сите генерации. Композиторот Карл Орф го создал ова иконично дело, инспирирано од средновековната поетска антологија „Цодеџ Буранус“. Премиерата во 1937 година, во Германија, предизвикала сензација и го означила почетокот на светскиот триумф на оваа кантата.

„Кармина Бурана“ во себе обединува антички текстови, волшебни мелодии и моќни ритми. Вклучувајќи хор, солисти, богата оркестрација и сценско дејство, делото раскажува за кревкоста на човечката судбина, за радостите на пролетта, за бурните љубовни страсти и за задоволствата што ги носи животот. (Д. Т.)

ИЗДВОЕНИ