Рускиот напад врз енергетски објект во градот Славутич во регионот Киев предизвика прекин на електричната енергија во нуклеарната централа Чернобил, објави украинското Министерство за енергетика.
Славутич, сателитски град каде што живеат поранешни вработени во електраната евакуирани по катастрофата во 1986 година, исто така беше погоден од руски дрон претходно во текот на денот, предизвикувајќи прекин на електричната енергија во градот и делови од соседниот Чернихивски регион, наведуваат локалните власти.
Министерството за енергетика пријави „итна ситуација“ во неколку објекти во електраната Чернобил.
„Поради пренапонску удар, новиот заштитен саркофаг – клучна зграда што го изолира уништениот четврти реактор на нуклеарната централа Чернобил и спречува испуштање на радиоактивни супстанции во животната средина – остана без електрична енергија“, се вели во соопштението.
Во февруари годинава, руски дрон од типот Шахед го погоди токму тоа засолниште над четвртиот реактор. Потоа имаше оштетување на структурата, но не беше регистрирано посериозно истекување на радијација.
Оваа вест доаѓа во време кога нуклеарната централа Запорожје, најголемата во Европа и под руска окупација од март 2022 година, веќе е исклучена од украинската електрична мрежа повеќе од сто часа – најдолго досега.
На 30 септември, украинскиот претседател Володимир Зеленски ја опиша ситуацијата во Запорожје како „критична“. Електраната моментално работи на дизел генератори, но еден од нив веќе откажа, предупреди Зеленски, објавува The Kiev Independent.