По трагичната смрт на тригодишно дете кое било хоспитализирано во Општата болница со проширена дејност во Кавадарци, денеска во установата се спроведува вонреден инспекциски надзор од страна на Државниот санитарен и здравствен инспекторат.
Воедно, болницата информира дека е формирана и внатрешна комисија која ќе ги испитува сите околности поврзани со случајот.
Од болницата соопштија дека со огромна тага и жал ја информираат јавноста за смртта на детето, кое било прегледано во установата, а починало на пат кон Скопје, каде било пренесувано за понатамошна здравствена грижа.
„Изразуваме искрено сочувство до семејството. Согласно со законската процедура, известен е надлежен јавен обвинител и издадена е наредба за обдукција со цел утврдување на причината за смртта. Како здравствена установа, стоиме на целосно располагање на сите надлежни институции во постапката за расветлување на случајот“, се наведува во соопштението потпишано од в.д. директорката, спец. д-р Гордана Камчева.
Болницата информира и дека внатрешната комисија ќе изготви посебен извештај врз основа на увидот и преземените дејствија, по што јавноста ќе биде навремено и транспарентно информирана.
„Ја уверуваме јавноста дека безбедноста и здравјето на пациентите, како и транспарентноста во нашето работење, се наш врвен приоритет“, стои во заклучокот на соопштението.
Случајот предизвика силни реакции од родителите на починатото дете, кои бараат истрага за можни лекарски пропусти.
Побаран вонреден инспекциски надзор во врска со смртта на тригодишното детенце од Кавадарци