четврток, јануари 29, 2026
Дома СВЕТ „Волстрит журнал“: Ердоган му предлага на Трамп трилатерални разговори со Иран

„Волстрит журнал“: Ердоган му предлага на Трамп трилатерални разговори со Иран

24
Фото: EPA/NECATI SAVAS

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган му предложи на американскиот претседател Доналд Трамп да се одржат трилатерални разговори во кои, покрај нив двајца, би учествувал и иранскиот претседател Масуд Пезизкијан, дозна денес „Волстрит журнал“ (WSJ), повикувајќи се на официјални лица запознаени со разговорите.

Според весникот, Ердоган ја покренал иницијативата за време на телефонскиот разговор со Трамп во средата, како дел од напорите на неколку земји од Блискиот Исток да го поттикнат дијалогот меѓу САД и Иран и да спречат евентуален конфликт.

Турција, членка на НАТО и сојузник на САД, дополнително се вклучи во напорите да избегне конфликт што Анкара го смета за дестабилизирачки за регионот.

„Волстрит журнал“ исто така објавува дека Вашингтон разгледува неколку опции, вклучувајќи воздушна кампања против иранските нуклеарни објекти и цели на Иранската револуционерна гарда, сајбер напади врз иранските банки, понатамошно заострување на санкциите, како и напади врз симболични цели со можност за ескалација доколку Иран не ја суспендира својата нуклеарна програма. Во исто време, египетскиот министер за надворешни работи Бадр Абделати одржа одделни разговори со својот ирански колега и специјалниот претставник на САД Стив Виткоф, но без напредок.

Според извори запознаени со разговорите, Техеран ги отфрлил условите на САД и предупредил дека цели низ целиот регион би можеле да бидат погодени во случај на американски напад.

Американскиот претседател Доналд Трамп во средата на социјалните мрежи изјави дека се надева оти Иран „наскоро ќе седне на преговарачката маса“, предупредувајќи дека времето истекува и дека евентуалниот следен напад би бил „многу полош“, објавува „Танјуг“.

Белата куќа претходно одби да коментира за напредокот на разговорите, додека изворите велат дека обидите на Катар, Оман и Саудиска Арабија да ги оживеат разговорите, вклучително и идејата за пакт за ненапаѓање, досега не наидоа на широка поддршка.

ИЗДВОЕНИ