Волково ќе се збогати со нова зелена површина. Станува збор за нов мултифункционален пилот-парк, кој ќе биде осмислен со посебни содржини за децата, учениците и за пензионерите, со цел поттикнување меѓугенерациска интеракција, рекреација и еколошка едукација.
Паркот ќе се реализира во рамките на проектот „UrbanGreenLeap“, во кој учествува и Општина Ѓорче Петров, а кој има цел да ги поддржи малите и средните медитерански градови и општини во справувањето со климатските промени, спречување на ризиците од катастрофи и зајакнување на отпорноста, имајќи предвид дека урбаните подрачја сè почесто се соочуваат со предизвици како што се загадувањето, преголемата урбанизација и екстремните временски појави.
„UrbanGreenLeap“: Унапредување на зелената инфраструктура во малите и во средните градови
Проектот ќе се реализира во период од 33 месеци (од 1 април 2025 до 31 декември 2027 година) и има цел: да го зајакне капацитетот на локалните власти за одржливо управување со зелените површини; да го поттикне учеството на граѓаните во процесите на планирање; да развие урбани планови за природата, кои ќе го интегрираат биодиверзитетот во урбаните средини, како и да ја подобри урбаната зелена инфраструктура со цел намалување на ефектите од климатските промени.
Очекувани резултати од проектот се: стратегии за унапредување на стручната експертиза во областа на урбаното озеленување; изработка на студии за изводливост за проширување и унапредување на зелените површини во Ѓорче Петров, како стратешки чекор кон долгорочни иницијативи за урбано озеленување.
Проектот обединува 10 партнери од земји членки и нечленки на ЕУ, кои заеднички развиваат иновативни решенија за позелени и поотпорни урбани простори. Водечки партнер на проектот е Општина Цеље (Словенија), а други партнери се: IPoP – Институт за просторни политики (Словенија); Општина Јанина (Грција); „Паркови“, ДОО (Хрватска); конзорциумот „Oltrepò Mantovano“ (Италија); Општина Ѓорче Петров (Македонија); Општина Будва (Црна Гора), „Ambiente Italia“ (Италија), „Creaf“ (Шпанија), Универзитетот во Загреб – Факултет за шумарство и технологија на дрво (Хрватска). Асоцирани партнери се: Здружението на урбани општини на Словенија (Словенија); Општина Сузара (Италија); градот Вараждин (Хрватска); покраината Мантува (Италија).
Проектот е во вредност од 2.388.555 евра, а ќе биде финансиран од Interreg ЕУ-фондовите, во износ од 1.910.844 евра.
(А. П.)