Воли Фистер: Треба да се гледаат филмови во кино, таму има колективна енергија и тоа е нешто неповторливо

54

На 46. ИФФК „Браќа Манаки“ деновиве во Битола е и американскиот кинематографер Воли Фистер, на кој вечерва ќе му биде врачена Специјалната „Златна камера 300“ за особен придонес во светската филмска уметност. Тој е оскаровец и соработник на познатиот режисер Кристофер Нолан.

Воли Фистер е роден 1961 во Чикаго, а израснат во Њујорк. Средбата која ќе му го промени животот се случува на Санденс фестивалот, каде е селектиран филмот на кој работи и каде ќе се сретне со Кристофер Нолан и ќе започне една долгогодишна соработка која ќе им ги промени животите и на двајцата. Првиот од нивните заеднички успеси е филмот „Мементо“ (Memento) (2000), препознаен по уникатната нелинеарна структура, кој стана фестивалски миленик доаѓајќи до две номинации за оскар. Успешната соработка ја продолжија со уште еден психолошки трелер, односно филмот „Несоница“ (Insomnia) (2002), римејкот на истоимениот норвешки филм. Заедно со Кристофер Нолан се заслужни за ревитализирањето на акционите суперхеројски филмови во светски рамки, имајќи ја можноста да го кадрира фамозниот Готам на големо платно, Фистер и Нолан ќе ја отпочнат нивната трилогија за темниот витез пред 20 години, започнувајќи со „Почетоците на Бетмен“ (Betman Begins) (2005), потоа неговото продолжение „Темниот Витез“ ( The Dark Knight) (2008), а трилогијата ја комплетираа со „Подемот на Темниот Витез“ (The Dark Knight Rises) (2012). Помеѓу трилогијата за Темниот витез, Фистер оствари и други две значајни соработки со режисерот Нолан. Едната од нив повторно ги вклучува Кристијан Бејл и Мајкл Кејн, односно филмот „Престиж“ (The Prestige) (2006), кој му обезбеди номинација за Оскар, кој го освои со нивната наредна соработка во научно-фантастичниот акционен филм „Почеток“ (Inception) (2010) во кој Фистер имаше можност да кадрира соништа со впечатлив изглед, да визуелизира нурнување во несвесното и да ги тестира законите во физиката на филмското платно, снимајќи на 35мм, 65мм и Виставижен. Неговата кинематограферска работа неколкупати е номинирана за награди од страна на Американското и Британското здружение на кинематографери.

-Последниве 12 години немам работено со режисерот Кристофер Нолан, но тоа е дел од мојата филмска историја. Започнавме со работа на „Мементо“ во 2000-та година и тогаш сфативме дека многу добро се согласуваме и лесно комуницираме. Продолживме да работиме заедно и на некој начин учевме еден од друг. Неговата кариера од година во година оди во нагорна кариера и минатата година беше избран на претседател на Друштвото на режисери на САД. Во меѓувреме ги снимивме другите негови филмови, трилогијата со Бетмен и имавме многу плодна соработка од 1999 година до 2012 година и тоа е еден многу убав период од моето работно искуство, рече Фистер.

Истакна и дека кога работел со Кристофер Нолан снимале на филмска лента, и дека познатиот режисер и понатаму продолжил да работи на филмска лента, додека тој самиот почнал да користи дигитална камера за снимање.

-Токму овде во Битола разговаравме со некои колеги за тоа колку дициплинирани не држеше снимањето на филмска лента. Тогаш имаме строг, цврст распоред за тоа како ќе работиме. Имавме негатив кој требаше да се развие во лабораторија, така што целиот процес на снимање поради тоа беше многу постегнат и подисциплиниран. Сметам дека многу е убаво што снимањето на филмска лента се одржува во живот и многу е убаво кога се гледа филм снимен на филмска лента во кино сала, рече Фистер.

Посочи дека е разочарувачко и загрижувачко што повеќе нема каде да се прикажуваат филмови снимени на филмска лента.

-Уште поголем проблем е исчезнувањето на кино-салите, сè помалку луѓе одат во кино да гледаат филмови, а треба да се задржи публиката зошто тогаш има колективна енергија и тоа е нешто неповторливо. Можеби би требало филмовите прво да се прикажуваат во кино-салите, па потоа на платформите. Можеби тоа е начинот да се задржат кино-салите и публиката, додаде Фистер.

ИЗДВОЕНИ