Војник пукаше во воздух на протест во Нови Сад: „Никогаш не сум видел толку омраза“/ВИДЕО

557

Војникот на српската армија, Владимир Бркушанин, кој синоќа отвори оган во Нови Сад, изјави дека бил на редовна должност кога група од околу стотина луѓе ги нападнала. Тој тврди дека кога биле опкружени од три страни, проценил дека неговиот живот и животите на неговите колеги се во опасност и испукал еден куршум во воздух во безбеден правец.

Синоќа, за време на протестот пред просториите на СНС во Нови Сад, ескалираше конфликт меѓу поддржувачите на партијата и граѓаните, а еден маж бил снимен како испукал куршум во воздух.

Бркушанин вели дека вчера бил на задача да обезбеди едно лице кога било нападнато од група од речиси стотина луѓе, вооружени со метални и дрвени стапови, пиротехнички средства, факели и камења, пишува N1 Белград.

„Нападот беше насилен. Ние пруживме претежно пасивен отпор, заштитувајќи ги виталните делови од нашите тела и давајќи отпор колку што можевме. Во моментот кога нè опколија од три страни, а зад нас имаше ѕид, проценив дека мојот живот и животите на моите колеги се во опасност. Користев огнено оружје и испукав еден куршум во воздух во безбеден правец. Во тој момент, напаѓачите избегаа“, рече Бркушанин.

Тој додаде дека верува оти последиците за него и неговите колеги би биле многу потешки доколку тој не го сторел тоа.

„Сакам да истакнам дека сум во оваа работа повеќе од 20 години и никогаш не сум видел толку многу омраза и гнев кон овластени лица. Тие знаеја дека сме овластени лица, ги предупредивме неколку пати, но тоа немаше ефект. Во мојата долга кариера, никогаш не сум имал можност да видам нешто вакво и многу сум изненаден од ова“, рече тој.

Директорот на Агенцијата за воена безбедност, генерал-потполковник Ѓуро Јовановиќ, денес на прес-конференција изјави дека припадници на елитната воена единица „Кобра“ биле нападнати синоќа во Нови Сад и дека седум припадници на српската армија се повредени, од кои четворица имаат сериозни телесни повреди. Тој нагласи дека од пукањето во воздух не се загрозени животи, „туку напротив“.

ИЗДВОЕНИ