Војната во Појасот Газа ќе заврши за неколку недели, тврди Трамп

15
EPA/BONNIE CASH / POOL

Американскиот претседател Доналд Трамп денес изјави дека војната во Појасот Газа ќе заврши за неколку недели, без да даде детали за тоа како ќе заврши конфликтот.

Трамп рече дека „комуницира многу“ со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и му рекол дека војната во Појасот Газа мора наскоро да заврши, објави Ројтерс.

Тој рече дека САД и Израел продолжуваат да вршат притисок врз палестинската милитантна група Хамас да ги ослободи преостанатите заложници.

Трамп посочи на напорите на специјалниот претставник на САД за Блискиот Исток, Стив Виткоф, за обезбедување ослободување на заложниците, како и за обезбедување помош во храна за Појасот Газа.

Државниот секретар на САД, Марко Рубио, им рече на новинарите во Белата куќа, во заедничко обраќање со Трамп, пред средбата со јужнокорејскиот претседател Ли Џае-мјунг, дека САД сакаат да ја завршат војната во Појасот Газа и дека конфликтот ќе заврши без Хамас.

Претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека „не е среќен поради израелскиот напад врз болница во Газа“, во кој загинаа 20 лица, вклучувајќи спасувачи кои се обидуваа да ги евакуираат ранетите и пет новинари.

Кога новинарите во Овалната соба го прашаа како реагира на израелскиот напад, Трамп рече дека не знаел дека тоа ќе се случи, објави „Тајмс оф Израел“.

„Не сум среќен поради тоа. Не сакам да го гледам тоа. Во исто време, мора да го завршиме тој кошмар“, рече американскиот претседател, повторувајќи дека е заслужен за договорите што го обезбедија предвременото ослободување на заложниците, иако рече дека помалку од 20 заложници се уште се живи.

Во неколку наврати во јуни и јули, Трамп со сигурност изјави дека е многу блиску до договор за прекин на огнот и ослободување на заложниците.

„Одамна реков дека ќе ги ослободам, но кога ќе стигнеме до тие последни 10 или 20 заложници, овие луѓе нема да ги ослободат“, рече Трамп за терористичката група Хамас.

ИЗДВОЕНИ