Глобалните финансиски пазари денес се под притисок откако ескалацијата на војната во Иран избриша околу шест трилиони долари од пазарната вредност на светските акции.
Имено, инвеститорите се повеќе се плашат од стагфлациски шок поради зголемувањето на цените на енергијата и забавувањето на економијата.
Пазарите силно реагираа на изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп дека цената на нафтата од 100 долари за барел е „мала цена за безбедноста и мирот“, пренесува Блумберг.
Цената на суровата нафта Брент денес скокна за дури 29 проценти, што е најголем скок во еден ден за речиси шест години, така што се приближи до нивото од 120 долари за барел.
Нападите врз иранската енергетска инфраструктура го зголемуваат ризикот од долгорочно нарушување на снабдувањето со нафта, а инвеститорите кои се плашат од нестабилност продаваат акции.
Азиските берзи во еден момент изгубија околу 5,6 проценти од својата вредност, што е најголем дневен пад од април, додека побарувачката за безбедни засолништа ја зголеми вредноста на доларот.
Енергетскиот шок е особено штетен за Азија, бидејќи значителен дел од увозот на нафта и течен природен гас поминува низ Ормутскиот теснец, кој е во центарот на конфликтот.












