Војната на најјако: Крај на љубовта меѓу Трамп и Путин, САД најавуваат санкции за Русија

537

Според извори на „Волстрит џурнал“ од Белата куќа, исфрустриран од бавниот напредок на мировните преговори, Трамп размислува да ѝ воведе санкции на Русија. Весникот пишува дека иако според тие извори не се очекуваат дополнителни санкции за финансискиот сектор, се разгледуваат мерки за да се принуди Путин да попушти на преговарачката маса, вклучувајќи го и предлогот на 30-дневно примирје. Од информации добиени од разузнавачките служби можеме да видиме дека Путин и неговата придружба не планираат да ја завршат војната. Напротив, постојат бројни докази дека подготвуваат нови офанзивни операции, рече  Зеленски

 

Откако Трамп само го обвини Путин дека сосема полудел, што Кремљ го припиша на негова емоционална преоптовареност, сега според извори на „Волстрит џурнал“ од Белата куќа, исфрустриран од бавниот напредок на мировните преговори, тој размислува да и воведе санкции на Русија. Весникот пишува дека иако според тие извори не се очекуваат дополнителни санкции за финансискиот сектор, се разгледуваат мерки за да се принуди Путин да попушти на преговарачката маса, вклучувајќи го и предлогот на 30-дневно примирје. Трамп во неделата, во одговор на новинарско прашање првпат јавно го коментираше воведувањето на санкции за Русија.

-Апсолутно ја разгледуваме таа опција. Убива многу луѓе. Не знам што не е в ред со него. Што му се случило, добога? – рече тој не криејќи ја лутината кон рускиот лидер со кој, како што тврдеше претходно, има посебен однос.

Поранешниот американски амбасадор во Украина, Вилијам Тејлор, ја коментираше оваа промена на тонот на Трамп .

-Изгледа дека Трамп сега почнува да сфаќа кој е Владимир Путин. Прашање е – дали тоа сознание ќе доведе до конкретни потези? Ќе воведе ли вистински санкции? Одговорот засега изгледа вака: Трамп е на раб на заклучокот – или веќе го донел – дека Путин е пречка на мирот, рече тој.

Францускиот претседател Емануел Макрон коментираше дека Трамп сфатил дека Путин го лажел и изрази надеж дека „неговиот бес ќе се претвори во дејствување“, повикувајќи да и се постави рок на Москва за прифаќање на прекин на огнот во Украина со закана за масовни санкции.

Според неофицијални информации од врвот на американската администрација Трамп ја разгледува и можноста за целосно повлекување од мировниот процес доколку завршниот обид не донесе резултати, што се коментира како преседан за претседателот кој во кампањата тврдеше дека војната во Украина ќе ја сопре уште првиот ден од својот мандат. Во тој случај останува нејасно дали Вашингтон ќе продолжи со воената помош за Киев.

Дали овој пресврт означува нова фаза во заладување на односите САД – Русија? Само неколку часови откако Трамп ја најави можноста за санкции, Русија го изврши досега најинтензивниот напад на Украина со над 350 дрона и најмалку девет крстосувачки ракети, што предизвика најмалку шест човечки жртви. Путин ја засилува агресијата и ги игнорира сите мировни иницијативи што доаѓаат од Вашингтон. Исто така, Русија масовно го зголемува домашното производство на дронови, што значи дека веќе не е зависна од Иран за нивна набавка. Во ваква ситуација украинскиот претседател Володимир Зеленски обвини дека Русија планира нова офанзива и дека нема знаци дека рускиот претседател Владимир Путин сериозно разгледува дипломатско решение.

-Од информации добиени од разузнавачките служби можеме да видиме дека Путин и неговата придружба не планираат да ја завршат војната. Напротив, постојат бројни докази дека подготвуваат нови офанзивни операции, рече  Зеленски во своето видео обраќање во понеделникот вечерта и порача дека тоа го покажува презирот на Москва кон сите оние кои се обидуваат да постигнат мир, што е веројатно референца  на американскиот претседател Доналд Трамп.

Додека се прават обиди да се смират воените тензии на европска територија, многумина допрва очекуваат нивна ескалација. Украина доби дозвола до САД, Германија, Франција и Велика Британија со оружјето што го добила од нив да гаѓа воени цели длабоко во руска територија.

 

 

 

 

 

 

ИЗДВОЕНИ