Конфликтот што ескалираше на Блискиот Исток веќе почна да предизвикува огромни проблеми во светот на спортот. Откако Иран нападна неколку цели во регионот, вклучувајќи ги аеродромите во Бахреин и Дубаи, безбедносната ситуација стана сериозна закана за логистиката на спортските тимови. Првата конкретна последица веќе пристигна – важен тест што требаше да се одржи во Бахреин е откажан.

Поради безбедносни закани, светската компанија за производство на гуми – „Пирели“, донесе одлука да го откаже дводневниот тест во Формула 1 планиран во Бахреин. Тестирањето што требаше да биде клучно за развој на новите компоненти сега, едноставно, нема да се случи. Причината е чисто од безбедносна природа.

Во овој момент, никој не може да гарантира безбеден транспорт на опрема и персонал, особено не воздушен пристап. Според информациите дадени од „SoyMotor“, проблемите би можеле да бидат многу поголеми од само еден откажан тест. Имено, неколку тимови од Формула 1, како и Формула 2 и Формула 3, веќе се соочуваат со потенцијални доцнења во испораката на нивната опрема.

Ова вклучува сè – од болиди, до резервни делови, до основна инфраструктура потребна за работа во тимовите. Без тоа, одржувањето на тркачки викенд станува практично невозможно.

Логистичкиот синџир кој нормално функционира како совршен часовник, сега е сериозно загрозен. Прашањето што се поставува е – што ако ситуацијата дополнително се влоши?

Секое ново затворање на воздушниот простор би значело нови проблеми. И секој нов проблем би можел директно да влијае на распоредот на трките.

Навивачите ширум светот сега со право се плашат од можното одложување или дури и откажување на следните настани.

Формула 1 е глобален спорт. Но, глобалниот спорт е многу зависен од глобалната стабилност, а неа моментално ја нема.

ИЗДВОЕНИ