Воено-политичката ситуација во светот продолжува да се влошува, а потенцијалот за вооружени конфликти расте, предупреди рускиот министер за одбрана Андреј Белоусов.
„Сегашната воено-политичка ситуација во светот останува сложена и покажува тенденција за понатамошно влошување. Геополитичките противречности се интензивираа, а темелите на стратешката стабилност брзо се уриваат. Потенцијалот за конфликт се зголеми“, рече Белоусов за време на обраќањето на состанокот на министрите за одбрана на земјите-членки на Шангајската организација за соработка (ШОС) во кинескиот град Кингдао, објавија руските меидуми.
Рускиот министер истакна дека, во такви околности, драстично се намалила улогата на меѓународните институции, кои, како што рече, треба да ја гарантираат глобалната безбедност и стабилност, додавајќи дека тие веќе не ја исполнуваат својата основна функција.
Белоусов ги припиша причините за сегашната нестабилност на „деструктивниот тек на колективниот Запад“, чија цел, според неговите зборови, е да се зачува глобалната доминација по секоја цена.
„Во светот се создаваат сè повеќе жаришта на нестабилност, вклучително и области во рамките на Шангајската организација за соработка и по нејзините граници“, рече тој.
Рускиот министер ги повика земјите од ШОС да ја зајакнат соработката во областа на безбедноста и заеднички да одговорат на растечките предизвици на меѓународната безбедност.