Воена мобилизација на северот: Шведска испраќа офицери во Гренланд на повик од Данска

283

Данското Министерство за одбрана и Владата на Гренланд објавија дека Данска веднаш ќе го прошири своето воено присуство на островот поради зголемените геополитички тензии на Арктикот, а распоредувањето на трупи го најави и шведскиот премиер Улф Кристерсон.

„Геополитичките тензии се проширија на Арктикот. Владата на Гренланд и данското Министерство за одбрана затоа одлучија да продолжат со проширените вежби на данските вооружени сили во Гренланд, во тесна соработка со сојузниците на НАТО. Од денес, военото присуство ќе биде проширено во Гренланд и околу островот“, се вели во соопштението.

Се очекува вежбите да вклучуваат заштита на клучната инфраструктура, поддршка на полицијата и локалните власти на Гренланд, сместување на сојузничкиот персонал, ракување со борбени авиони и спроведување поморски операции.

Кристерсон објави на „Икс“ дека Шведска испраќа „група воени офицери во Гренланд на барање на Данска“.

И Германија ќе ги испрати првите војници во Гренланд оваа недела, пишува германскиот весник „Билд“, повикувајќи се на неколку извори во Германија и Скандинавија. Според германскиот весник, првично ќе биде испратена извидувачка единица со неколку припадници на Бундесверот.

Портпаролот на германското Министерство за одбрана изјави за „Билд“ дека не може ниту да потврди ниту да го негира ова. Сепак, весникот наведува дека операцијата би можела да започне веќе денеска. Извори во германската влада и Бундестагот изјавија дека првиот извидувачки тим ќе замине денеска.

ИЗДВОЕНИ