Водоводџиите, гипсарите, плочкарите… и во Македонија печалат како да се во странство

Побарувачката за водоводџии, електричари, плочкари, паркетари... е голема, а цените на нивните услуги растат. Градежните експерти велат дека недостигот на ваква работна сила е особено голем во градовите во внатрешноста на државата, каде освен што ги нема, не работат квалитетно, а наплатуваат „дебело“. Тие подолго време укажуваат од потребата да се стимулираат младите да се запишуваат во средните стручни училишта затоа што има голема потреба, а и заработуваат како да се на работа во странство

734

Градежните занаетчии веќе подолг период се дефицитарна работна сила на пазарот во Македонија. Побарувачката за водоводџии, електричари, плочкари, паркетари… е голема, а цените на нивните услуги растат. Градежните експерти велат дека недостигот на ваква работна сила е особено голем во градовите во внатрешноста на државата, каде освен што ги нема, не работат квалитетно, а наплатуваат „дебело“. Тие подолго време укажуваат од потребата да се стимулираат младите да се запишуваат во средните стручни училишта затоа што има голема потреба, а и заработуваат како да се на работа во странство.

– Во Скопје сè уште може да се најде градежни занаетчии, но во другите градови многу потешко, а и доста се поскапи. Голем дел од занаетчиите од другите градови дојдоа во Скопје, а дел заминаа на работа во странство. Инсталатери, водоводџии, гипсари, плочкари, електричари… сè уште се втора најбарана професија во Европа. Занаетчии не можат да се најдат ни за работа во градежништвото, но ни за поправки по дома, вели за весникот ВЕЧЕР градежниот експерт Никола Велковски.

Тој вели дека состојбата со недостиг на ваков кадар е што имаше лоша политика и младите наместо да се форсираа да се запишуваат во средните занаетчиски училишта, тие се запишуваа на факултет.

– Сега за овие професии има многу работа, побарувачката е голема, а и платите за наши услови се многу високи. Освен тоа, многу од градежните занаетчии работат и дополнителна работа и наплатуваат многу скапо. Така може да се каже дека луѓето со овие професии и дома заработуваат како да се во странство, појаснува Велковски.

Според него, државата мора да најде начин како да ги поттикне младите да се запишуваат во средните стручни училишта бидејќи не само во моментов, туку и во иднина ќе има многу работа за градежни занаетчии. Велковски вели дека една од причината за пораст на цената на станбениот квадрат во државата е токму и зголемената цена на водоводџии, гипсари, плочкари, електричари…

Граѓаните се жалат дека и за најмала работа мораат да чекаат мајстор со недели. Цените се посебна приказна и голем дел занаетчии ги вадат од ракав. Велат дека ако е поголема работа и ако се работи за фирма, тогаш може да се пазариш и да ти спушти цена, а ако е физичко лице и ако ти е итно тогаш може да те „одерат“.

Познавачите на пазарот велат дека занаетите, кои беа сметани за професии од „втора лига“, се враќаат на голема врата. Платите се покачуваат, условите се подобруваат, а странските и домашни компании сè потешко наоѓаат мајстори за работа.

Според податоци од неколку агенции за вработување и анализи на трендовите во регионот, најбарани занаети за 2025 година се електричари, заварувачи, водоинсталатери… Просечната плата на електричарите надминува 60.000 денари, а и на другите занаети платите не се за потценување. Така на пример, платите на заварувачите надминуваат 2.000 евра во странство, а и дома земаат преку 1.000 евра. Водоинсталатерите се исто така постојано ангажирани, а голем дел од нив работат во странство, особено во Германија и во Австрија, што создава недостиг дома. Голема побарувачка има и за занаетчии што се специјализираат за поставување конструкции на покрив, термоизолации, системи отпорни на вода…

Додека многумина бараат административна работа од 9 до 17, занаетите веќе нудат добри плати и сигурност. Во државата веќе има програми за обука и приватни школи за учење на занаети. Занаетот веќе не се учи само кај мајстор, туку и во модерни центри, а за добриот занаетчија веќе нема зима.

(А. С.)

 

 

ИЗДВОЕНИ