Од УХМР велат дека денеска ќе има преодно стабилизирање на времето и дека значително ќе опадне утринската температура.
– Од вторник до сабота ќе преовладува претежно облачно време, со локални врнежи од дожд. Пообилни врнежи се очекуваат в четврток, а на повисоките планини ќе има услови за врнежи од снег. Во вторник и в среда ќе дува умерен до засилен ветер од јужен правец , а во деновите потоа – од северен правец – велат од УХМР
Состојбата со обилните врнежи во државата е стабилизирана. Од Центарот за управување со кризи информираат дека во Ресен, Битола и во Демир Хисар повеќе нема излевање на реките и дека нивото на водата е значително намалено и во опаѓање.
– Одронот на патот Битола – Кичево кај селото Железнец е целосно расчистен. Во Охрид, по навлегувањето вода во подруми и во дворови, сите надлежни служби интервенираа и каналите се расчистуваат. Водостојот на реките е во благо опаѓање – потенцираат од ЦУК.
Оттаму додаваат дека во Скопје, Штип, Велес, Неготино, Кавадарци, Свети Николе, Струмица, Тетово и во Куманово немало пријави за нарушување на редовната состојба и дека нема излевање на реките.
– Сите региони се во стабилна состојба – децидни се од ЦУК .
Според податоците на Управата за хидрометеоролошки работи, водостојот на речните текови во земјава вчера бил значително повисок од просекот за ноември. Единствено кај реката Брегалница во Берово биле измерен водостој понизок од просекот – 12 сантиметри, наспроти вообичаените 22.
Кај другите реки се бележи зголемување. Вардар кај Јегуновце и кај Велес има двојно повисоки вредности од просекот, додека кај Треска во Македонски Брод водостојот е осум пати поголем – од просекот од 13 сантиметри на 108.
Пчиња кај Катлановска Бања бележи трикратно зголемување – од 40 на 124 сантиметри, исто како и кај Бабуна во Богомила (од 14 на 42) и кај Црна Река во Новаци, каде што водостојот скокна од 65 на 246 сантиметри. Најголемо отстапување има кај Сатеска во Ботун, каде што водостојот е дванаесет пати над ноемврискиот просек, односно од 5 на 64 сантиметри.
– Кај природните езера има минимално зголемување во однос на завчерашните мерења, но без поголемо отстапување од просекот за ноември – соопштија од УХМР.
Оттаму велат дека денеска ќе има преодно стабилизирање на времето и дека значително ќе опадне утринската температура.
– Од вторник до сабота ќе преовладува претежно облачно време, со локални врнежи од дожд. Пообилни врнежи се очекуваат во четврток, а на повисоките планини ќе има услови за врнежи од снег. Во вторник и в среда ќе дува умерен до засилен ветер од јужен правец, а во деновите потоа – од северен правец – велат од УХМР.
Препораки до населението во поплавените подрачја
По излевањето на одредени реки по обилните дождови што предизвикаа поплави во одредени делови во државата, Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) и Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) излегоа со препораки за населението во поплавените подрачја.
Од ИЈЗ препорачуваат да се обезбеди безбедна вода за пиење и да се следат информациите од локалните служби за тоа дали е безбедна водата.
На населението од поплавените подрачја му се препорачува да користи вода од шишиња за пиење, готвење, а доколку користи вода за пиење од локалните водоводи, како и од индивидуалните или од јавните бунари, изворите, кладенците, му се препорачува, како превентивна мерка, да ја преврива водата за пиење во времетраење од 10 минути.
– Да се избегнува директен контакт со водата што се излеала и редовно да се мијат рацете со сапун и чиста вода, но и да се користат средства за дезинфекција, како дополнителна мерка за заштита. Исто така, да се фрли храната што дошла во контакт со водата што се излеала, бидејќи може се контаминирала. Пред употреба, добро да се измијат прехранбените производи (овошје и зеленчук од пластениците) со безбедна вода за пиење, а храната да се подготвува со безбедна вода и задолжително термички да се обработува. Се препорачува и да се отстрани застоената вода, како и да се исчисти околината за да се спречи појавување на комарци при евентуални потопли денови – соопштија од ИЈЗ.
Од АХВ упатија апел до населението во регионите каде што има поплавување, доколку во домаќинствата што се поплавени има мали деца, тие да се хранат со индустриски подготвена храна, но и на животните да им се обезбеди соодветна храна, вода и засолниште на безбедна локација.
(А. П.)












