Православните христијани на 19 јануари го одбележуваат Богојавление со осветување на водите, фрлање на светиот крст и со богати обичаи што сведочат за длабоката духовност и за културното наследство на Македонија. Богојавление го означува крајот на зимските празници и ја открива длабочината на водичарските обичаи низ Македонија. Македонските верници ќе учествуваат во литургии и традиционални ритуали, симбол на духовното раѓање и заедништво

В понеделник, 19 јануари, православните христијани ќе го одбележат големиот празник Водици или Богојавление, денот на кој, според христијанското предание, свети Јован Крстител го крстил Исус Христос во реката Јордан. Со овој чин, кој го означува јавувањето на Светата Троица, му се дава посебно значење на крштавањето како една од најважните свети тајни во христијанството.
Празникот се слави на 19 јануари кај црквите што го користат јулијанскиот календар, меѓу кои е и Македонската православна црква – Охридска архиепископија, додека кај црквите што го следат грегоријанскиот календар се одбележува на 7 јануари. Богојавление симболично го означува духовното раѓање на човекот, односно почетокот на животот во верата, поради што кумот на крштавањето се смета за духовен родител и еден од најблиските роднини.
Со Водици завршуваат не само таканаречените дванаесет некрстени денови туку и целиот циклус зимски празнувања, во кој спаѓаат и Бадник, Божик, Нова година – Василица и други значајни датуми од народниот и од верскиот календар.
Богата традиција и обичаи низ Македонија
Водици се одбележува во Македонија со различни обичаи и ритуали, кои варираат од регион до регион, но ја носат истата симболика: прочистување, благослов и заштита. Водичарските обичаи, верувања и песни сведочат дека во македонската традиција до денес се зачувале бројни елементи од старите народни верувања, кои првично имале аграрен карактер, поврзан со плодноста и благосостојбата, а подоцна добиле и религиозно значење.
Во овие обичаи се преплетуваат слоеви од најдалечното минато – од односот кон словенските божества до начинот на социјална организација на селото, компанијата и семејството. Токму затоа Водици не е само религиозен празник туку и важен дел од културното и етнолошкото наследство на Македонија.
Една од најкарактеристичните особености на празникот Водици е тоа што тој се празнува во групи, познати како компании, кумства или братства. Во некои краишта тие се организираат по маала, а во други по фамилии. Сите членови на една компанија се сметаат за роднини и меѓусебно се обраќаат со називите како „светијоване“ или „побратиме“.
Според старите сфаќања, кои подоцна ги прифатила и црквата, кумството претставува вид сродство, па за кумовите важат истите правила како и за крвните роднини, вклучително и забраната за бракови меѓу нив. Ова верување има своја основа и во христијанското учење, бидејќи свети Јован, со тоа што го крстил Исус Христос, се смета за Негов духовен кум.
Секоја компанија има свој кум, кој често се нарекува и Свети Јован. Тој го чува крстот една година, од едни до други Водици, што значи дека го има кумството во тој период. Промената на кумството се врши според строго утврден ред, најчесто по старост. Според записите на Кузман Шапкарев, во некои села во Охридско крстот, а со тоа и кумството, се откупувал со наддавање.
Водокрштение – осветување на водата
Еден ден пред Богојавление, на 18 јануари, се празнува Водокрштение, познато и како Водокрст или Водопост. Името „Водокрст“ потекнува од чинот на осветување на водата, додека „Водопост“ укажува на строгиот пост, односно постот на вода.
Рано наутро, со звукот од камбаната, кумовите од сите компании одат во црква, носејќи со себе котле со вода и крстот што ѝ припаѓа на нивната група. Свештеникот ги проверува крстовите, при што се внимава тие да бидат правилно врзани – со босилек од предната страна и со црвен конец. Бројот на гранчиња босилек треба да одговара на бројот на семејства во компанијата.
По проверката, свештеникот ги пее сите крстови заедно и со тоа ја осветува водата. Ваквата вода се смета за благословена и има заштитна, профилактичка моќ. Со неа се прскаат куќите, шталите и другите простории, со верување дека ќе ги избрка лошотиите и болестите.
На самиот ден Богојавление, главен настан е фрлањето на крстот во вода. Во Охрид, крстот се фрла во езерото, во Скопје во реката Вардар, а во селата – во реките, каде што претходно се прави голем вир. Обредот го извршува свештеник, кој по молитвата го фрла крстот во водата.
По крстот скокаат неколку момчиња, при што нивниот број секогаш е непарен – најчесто тројца, петмина или седуммина. Оној што ќе го извади крстот добива подароци и се смета за особено благословен. Според народното верување, по овој чин водата станува осветена и лековита, па присутните земаат од неа и ја чуваат во текот на целата година за лекување на луѓето и на добитокот.
Како што има запишано фолклористот проф. д-р Марко Китевски, во минатото, Богојавление во некои градови, како Струга, бил празник на целата заедница, без разлика на верата и народноста. На фрлањето на крстот во реката Црн Дрим присуствувале и христијани и муслимани, а по обредот сите се миеле во водата за здравје. Особено муслиманите земале натопена `ржана слама, поради нивната поврзаност со земјоделството и со сточарството.
Водата земена на Водици се користела за прскање на куќите, дуќаните и на стоката и се чувала преку целата година, како лек и заштита. Овие обичаи сведочат за длабоката поврзаност на празникот со заедништвото, солидарноста и меѓусебната почит, вредности што се актуелни и денес.
Во Битуше – живо наследство на ретки и богати обичаи
Во мијачкото село Битуше, празникот Богојавление – Водици и денес се одбележува со исклучително богати и комплексни обичаи, кои се пренесуваат со векови, од генерација на генерација. Ова е една од најавтентичните и најуникатни целосно зачувани традиции во Македонија, која во 2019 година беше прогласена за културно наследство, но која заслужува да биде под заштита на УНЕСКО. Таа се одржува благодарение на самоиницијативноста и упорноста на жителите и потомците од селото.

Уникатноста на Водици во Битуше започнува уште со фактот што селото денес има два крста и две кумства. Порано постоел само еден крст, но поради тоа што некои жители не доживувале да го дочекаат моментот да бидат кумови, селаните одлучиле да воведат втор крст, секој да има можност да ја понесе оваа духовна чест.
Подготовките за Водици во Битуше започнуваат уште на Танасовден (31 јануари), кога идните кумови во црквата „Свети Архангел Михаил“ свечено се заветуваат дека ќе го преземат селското кумство. Оваа заклетва ја носи тежината на духовната и моралната одговорност, што ќе ја имаат речиси цела година.
Непосредните подготовки почнуваат на Василица, со обредно месење лебови – еден од најзначајните ритуали. Ноќта по полноќ, девојка со живи родители или млада невеста, облечена во свечена носија, оди по вода на селската чешма. На враќање, кине три дренови гранчиња, кои ги става во стомните, верување според кое дренот носи здравје и цврстина на семејството. Со таа вода се месат првите пет обредни леба, по што следува подготовката за празникот. Иако денес дел од лебовите се купуваат, симболичниот чин на месење и понатаму се задржува.
На Василица се изведува и обичајот канење на кумство, кога свечено облечени девојки и невести го канат целото село да учествува во празнувањето. Неколку дена подоцна, на 17 јануари, се изведуваат обредите сучење врвца и попраќање кумови.
Врвката со која се врзуваат крстот и босилекот се сучи од бел и од црвен конец – симболи на чистотата и на животот. Кога ќе биде подготвен крстот, започнува „опростувањето“ од крстот, чин во кој домаќините и гостите го даруваат крстот со пари, барајќи благослов. Потоа кумовите тргнуваат кон манастирот „Свети Јован Бигорски“, каде што се осветуваат сите крстови во голем котел со вода.
Рано наутро на 18 јануари, кумовите се враќаат во Битуше. Кај месноста Лајковец, ги пречекуваат деца со лончиња за да земат светена вода – ајазмо, што се пие на гладно срце и се носи во домовите за здравје и за напредок. Со крстот и со светената вода, кумовите ги посетуваат сите куќи во селото, пеејќи го тропарот „Во Јордање“. Во секој дом се попрскуваат просториите, се благословува огништето и се упатуваат желби за плодност, здравје и силна куќа.
На 19 јануари e кулминацијата на празнувањето. Рано наутро, целото село се собира во црквата „Свети Архангел Михаил“, по што започнува обредот по крсти. Поворката, предводена од свештеник, со икони, бајраци и крстови, оди по строго утврдена патека низ селото. Крстот се фрла во водата кај месноста На Јаз, при што се пеат водичарски песни.
По обредот следува кревање кумство, еден од најсвечените моменти. Девојките и невестите, сите облечени во традиционалната битушка носија, носејќи табли со леб, во поворка одат кон црквата и потоа во селскиот дом, каде што се игра, пее и се дели обредна храна. Во текот на денот, со молитви и песни, новите кумови ги примаат крстовите, кои ги носат во своите домови и ги поставуваат пред икона. Вечерта целото село оди „с поклон“ кај старите кумови, а празнувањето завршува наредниот ден, на соборот на свети Јован Крстител, со именденски честитања и обичаи поврзани со младите невести.
Водици во Битуше не е само празник – тој е живо сведоштво за колективната меморија, духовноста и силната заедница, ретка традиција што заслужува сште поголемо внимание и почит во македонското културно наследство.
(А. П.- С. Бл.)












