Туркменистан, еден од водечките светски производители на гас, повтори дека има капацитет да снабдува гас во Европа, но исто така ги истакна логистичките тешкотии, бидејќи нема гасовод потребен за поврзување на Централна Азија со Европа преку Каспиското Море.

„Секогаш сме заинтересирани за диверзификација на извозните правци, поточно Транс-Каспискиот пат до Европа“, изјави Максат Бабаев, претседател на државната компанија Туркменгаз и министер за гас, за АФП на маргините на енергетскиот форум во главниот град Ашхабат.

Се проценува дека Туркменистан има помеѓу една четвртина и една петтина од светските резерви на природен гас, кои ги извезува речиси исклучиво во Кина.

Но, земјата, една од најзатворените во светот, бара нови извозни правци, додека европските земји, вклучително и Унгарија покажаа интерес од неодамна.

„Подготвени сме, можеме да продаваме гас на границата. Гасоводот Исток-Запад (кој поминува низ Туркменистан) со годишен капацитет од 30 милијарди кубни метри може да се користи за снабдување на Европа со гас“, рече Бабаев.

Но, тоа сепак не е доволно, бидејќи туркменскиот гас сè уште треба да го премине Каспиското Море преку гасовод кој сè уште не е изграден за да стигне до Кавказ, од каде што би се испраќал во Европа преку Турција.

ИЗДВОЕНИ